Интервју со доц. д-р Планинка Зафировска, супспецијалист кардиолог: Миокардитис – воспаление на срцевиот мускул

Фото: Промо

Миокардитисот може да ја зафати и најмладата популација, поретко највозрасните, меѓутоа најчест е кај популацијата на возраст од 20-30 години и почесто го засега машкиот пол.

Што претставува миокардитисот и кои се причините и механизмите за негова појава?

– Миокардитисот претставува воспаление на срцевиот мускул и може да има варијабилна клиничка слика од асимптоматска презентација до тешка форма на срцева слабост или фатална аритмија. Најчести причинители се вирусите, а поретко може да бидат бактерии и други инфективни причинители, радијација, лекови или токсини. Механизмот може да биде со директно оштетување на клетките на срцевиот мускул (миоцити) од страна на патогенот (инфект или токсин) или со автоимуна реакција на самиот организам врз сопствените клетки што се промениле како резултат на патогенот и сега организмот ги препознава како туѓи и ги напаѓа.

Како миокардитисот влијае врз работата на срцето?

– Воспаление на срцето може да доведе до едем и фиброза на срцевиот мускул, кој може последователно да ослаби и со тоа пумпната сила на срцето да се намали. Како резултат на тоа, пациентот ќе чувствува замор, отежнато дишење и ќе има отоци на нозете. Дополнително воспалението или фиброзата што ќе се јави, може да направат лузна на срцето, која е потенцијално жариште и извор на срцеви аритмии од екстрасистоли до малигни аритмии како коморна тахикардија и фибрилација, кои често завршуваат фатално.

Фото: Промо

Кои се компликациите до кои може да доведат тешките форми на миокардитис?

– Проширување и ослабување на срцето, ненадејна срцева смрт, аритмии.

Како започнува болеста, кои се најчестите симптоми и како болката во градите да се разликува од срцев удар – инфаркт?

Миокардитисот клинички може да се презентира на следните четири начини: 1. Појава на акутна градна болка придружена со промени на ЕКГ и повишен тропонин. Болката многу наликува на акутен миокарден инфаркт и вообичаено не може иницијално да се разликува. Со метода за визуализација на коронарните артерии (коронарографија) се исклучуваат опструкции на крвните садови што би биле причина за инфаркт, додека, пак, со магнетна резонанца на срцето може да се визуализира самото воспаление и лузната и да се докаже миокардитисот. 2. Појава на акутна срцева слабост со брза прогресија на болеста. Често овие пациенти може да завршат на екстракорпорална механичка циркулација, која ќе ги одржува во живот до смирување на воспалението со клиничко подобрување. Во случај кога подобрувањето изостанува, пациентите се одржуваат на механичка циркулаторна поддршка до трансплантација. 3. Хронична презентација што доведува до постепено проширување и слабеење на срцето и резултирачка дилатативна кардиомиопатија, која понатаму се лекува медикаментозно и најчесто текот на болеста е бавен. 4. Ненадејна срцева смрт поради малигна аритмија. Кај овие пациенти, болеста се докажува при обдукција со наод на инфламација на срцето или доколку пациентот е успешно реанимиран (абортирана нагла срцева смрт) се докажува со магнетна резонанца на срце.

Кои се Вашите препораки до пациентите по прележан миокардитис и дали може да се случи повторно да се јави воспаление на срцевиот мускул?

– На пациентите што ќе бидат дијагностицирани со миокардитис им се препорачува воздржување од засилена физичка активност во следните 6-12 месеци, во зависност од клиничката слика. Се препорачува следење на состојбата со електрокардиограм, ехокардиографија и магнетна резонанца на срце. Пациентите што имаат лузна на срцето, но сочувана систолна функција, може да примаат бетаблокатори превентивно, со цел намалување на ризикот од аритмии. Сепак, процената на кардиологот е индивидуална и зависи од случај до случај. Пациентите што развиле срцева слабост се поставуваат на медикаментозен третман и се следат на одредени интервали во зависност од тежината на болеста. Миокардитисот може да се повтори. Но, треба да сме внимателни, бидејќи постојат и други состојби што наликуваат на миокардитис, а се посклони кон повторувачки епизоди. Такви се Такоцубо кардиомиопатија (синдром на скршено срце), Десмоплакин кардиомиопатија или МИНОКА (миокарден инфаркт без опструкција на коронарните артерии). Магнетната резонанца на срце е златен стандард за дијагноза на миокардитис и единствено оваа неинвазивна метода би можела да ги разграничи овие патологии.

Стручниот тим од Клиника „Жан Митрев“ ви стои на располагање. Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот