Интервју со Ана Зикова, тетка на „детето со маслинките“: Некои видеа со Ведран не можеме да ги довршиме од смеење
Ведран има само три години, оди во градинка, а повеќето видеа што спонтано излегуваат, ги снима неговата тетка Ана Зикова, која ги води профилите на социјалните мрежи.
Повеќе од 57.000 луѓе го следат на социјалните мрежи и секојдневно уживаат во видеата на шармантниот Ведран, познат како „детето со малинките“. Ведран има само три години, оди во градинка, а повеќето видеа што спонтано излегуваат ги снима неговата тетка Ана Зикова, која ги води профилите на социјалните мрежи. Таа вели дека Ведран уште од бебе бил многу интересен, а денес е многу воспитано дете со голема емпатија за луѓето и за животните. Понекогаш од смеење едвај успеваат да го доснимаат видеото со Ведран, особено кога на неговиот оригинален начин зборува за неговата маалска симпатија. За авантурите со ова уникатно дете, за „Слободен печат“ зборува неговата тетка.
Препорачано
Кога за првпат почувствувавте дека кај Ведран има нешто посебно и дека е интересен за снимање видеа?
– Уште пред сè да започне со социјалните мрежи, секој интересен момент со него го снимавме. Ведран беше многу интересно бебе, па уште од самиот момент кога се роди, постојано го снимавме. А кога веќе почна да зборува, секој момент сакав да го фатам на видео за да си го имам како спомен. Неговата спонтаност и природна харизма беа очигледни уште тогаш и токму тоа го правеше секој момент со него посебен и вреден за снимање.
Тој има неколку познати реплики како „жено божја“. Од каде ги учи тие зборови, колку брзо инаку учи нови зборови?
– Конкретно „жено божја“ мислам дека му е од „Македонски приказни“. Тоа речиси секое утро го гледавме на телевизија, рано сабајле. Очигледно многу брзо фаќа зборови и изрази што му остануваат во глава, па потоа знае да ги употреби во најнеочекуван момент.

Како изгледа едно снимање видео со него, дали спонтано го земате телефонот кога ќе видите дека е инспириран или се договарате?
– Сѐ е многу спонтано. Кога ќе видиме дека е расположен, инспириран или кажува нешто интересно, само го земаме телефонот и почнуваме да снимаме. Нема посебно договарање или сценарио, а и реално, со дете од три години секое сценарио паѓа во вода. Тој си тера по свое, и токму таа природност, спонтаност и харизма ги прават видеата најубави и најискрени.
Какво дете е инаку Ведран, што најмногу сака да си играте?
– Во моментот Ведран е опседнат со херои, па најчесто си играме со замокот на Бетмен, Спајдермен и Хулк. Сака да му раскажувам приказни, заедно да редиме коцки.

Во денешно време кога децата се повеќе на телефони и апарати, успевате ли да му ограничите пристап?
– Кога станува збор за телефон, Ведран никогаш не гледал цртани филмови на телефон и до ден-денес и не знае дека може да се гледаат на телефон. Секогаш сме му пуштале на телевизија, меѓутоа не е ограничено затоа што никогаш не било претерано. И сега, дури и да се пуштени цртани, тој си игра и ги слуша. Секогаш повеќе сме се труделе да го научиме да си игра отколку да му пуштаме цртани.
Kое е омиленото јадење на Ведран освен маслинките, како на крајот успевате да се договорите да се храни здраво?
– Освен маслинките, Ведран особено сака компир манџа и боранија. Како и секое дете, понекогаш е пребирлив, но се трудиме храната да му биде разновидна и здрава, без присила, повеќе преку разговор, пример и трпение. Кога ќе види дека и ние го јадеме истото и дека храната е вкусна, полесно се договараме. Чекор по чекор учи да прифаќа здрава храна како нешто нормално.

Каква тетка сте, како го воспитувате вие, мајка му и најблиските?
– Каква тетка сум? Ако го прашате Ведран – најдобра на свет Ако ме прашувате мене и јас го мислам истото. Ведран е многу воспитано дете и мајка му е заслужна за тоа. Ние тетките сме тука повеќе да ги разгалуваме. Го воспитуваме да биде благодарен за сѐ што има.
Кое е неговото најоригинално видео според вас и има ли некои кои поради смеење ви е потешко да ги завршите?
– Првото видео со Ема. Толку се смеевме додека го снимавме! Се слуша и во видеото. И до ден-денес кога го гледам, пак ми доаѓа да се смеам гласно.

Која негова реченица или постапка најмногу ве изненадила?
– Емпатијата што ја има кон животните е неверојатна. Секое наше влегување во продавница, прво купува храна за мачките пред зграда. Дури и како дете од три години, внимателно следи дали јаделе, дали пиеле вода… и тоа го прави секој ден, не заборава.
Како вашата блиска околина, но и луѓето на улица го доживуваат Ведран?
– Буквално сите му приоѓаат и го поздравуваат, од 7 до 77. Сите го доживуваат како свој и се соживеани со Ведран. И тоа е многу убаво. Ви благодарам на сите за целата љубов.


