ИНТЕРВЈУ | Михаела Мишовска европска вицешампионка: Каратето не е само спорт, туку е и начин на живот

Михаела Мишовска со сребрениот медал од Европското првенство во карате во Задар, Хрватска/фото: instagram.com/_mihaela.misovska

– Сите борби беа неизвесни до крај на ЕП во Задар, сите противници имаат различен начин на борба и поседуваа различни тактики – вели Мишовска.

Македонската каратистка Михаела Мишовска постигна одличен успех освојувајќи го сребрениот медал на Европското првенство за сениори во Задар, Хрватска, со кој нашата земја се вброи во нациите кои освоија медали на шампионатот.

Мишовска оствари четири победи против Ерминија Пефето (Италија), Маријами Васадѕе (Грузија), Корал Амос (Израел) и Стилијани-Елени Цилија (Грција), а во финалето загуби од Хрватката Ема Сгардели.

Борби, жени -50 кг, резултати –
Михаела Мишовска – Ерминија Пефето (Италија) 7-7
Михаела Мишовска – Маријами Васадѕе (Грузија) 5-4
Михаела Мишовска – Корал Амос (Израел) 2-2
Полуфинале
Михаела Мишовска – Стилијани-Елени Цилија (Грција) 4-1
Финале
Михаела Мишовска – Ема Сгардели (Хрватска) 0-8

фото: Карате федерација на Македонија

На ЕП настапија 491 каратист со 601 натпреварувачки влез од 51 држава. Заедно со Мишовска на патот до успехот во Задар беа секако клубот Олимпик предводен од Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски, кондицискиот тренер Тони Богдановски, тимските колеги, нејзините пријатели и нејзиното семејство.

Кога почнавте да тренирате карате, што беше пресудно да го засакате овој спорт?

– Карате тренирам уште од мојата 5 годишна возраст во Карате Клубот Тигар 2003. Првите тренери се Живорад и Сребра Мишовски кои воедно се и моите родители. Желбата и љубовта спрема каратето ја имам добиено со гледање на тренинзите што ги водеа моите родители, сепак има и други фактори. Како што станував поголема согледував дека каратето не е само спорт, туку е начин на живот. Спорт со душа каде што треба голема дисциплина.

На кој клуб сте член и колку сте задоволни од условите кои се потребни за тренинзи?

– Член сум на карате клубот Олимпик Спорт 2007. Ако зборувам за условите во самиот клуб, слободно можам да кажам дека се на високо ниво, тренерите се вложуваат максимално, имаме опремена сала која што е достапна 24/7 и секако атмосферата на тренинзите е навистина на највисоко ниво. Сè тоа придонесува за големи резултати кои што клубот во континуитет ги остварува.

фото: instagram.com/_mihaela.misovska

Донесовте голем успех за македонското карате, сребро на Европското првенство во Задар. Што значи за вас овој успех, кажете ни нешто повеќе околу настапот и самата конкуренција?

– Сите борби беа неизвесни до крај, сите противници имаат различен начин на борба и поседуваа различни тактики. Дел од противниците имаат богата историја и големо искуство со што ми го отежнуваа патот до финалето. Искрено, да ви кажам дека во сите борби бев максимално сконцентрирана, ги слушав сите совети од селекторот и во ниту еден момент не осетив психо-физички замор.

фото: Карате федерација на Македонија

Кои исто така успеси до сега ви се драги кои сакате да ги издвоите?

– Тука можам да ги издвојам моето прво светско првенство во Konya Турција каде што бев 7мо пласирана во јуниорска конкуренција во категорија до 53 килограми. Имав две победи, а прво коло бев слободна и во четвртфинале изгубив од Мароко. Исто така можам да го спомнам Балканското првенство кое се одржа во Словенија-Љубљана, тука завршив 3то пласирана откако во полуфиналето изгубив од Србија во последни секунди. Моите борби на ова балканско се одвиваа со целосна доминација до исклучок на полуфиналето каде што борбата беше неизвесна до самиот крај.

Кои се вашите следни предизвици, и секако амбициите за понатака оваа година?

– Моментално се подготвуваме за Државното првенство кое ќе се одржи во август воедно и квалификација за Светско првенство кое се одржува во Венеција – Италија. Моите амбиции за понатака се да останам константна со доминација во мојата категорија и се спремаме и надеваме за многу повеќе успеси. Како најмлад член на Сениорската Репрезентација ме чекаат уште многу големи натпреварувања.

Која е вашата порака до помладите кои сакаат да се занимаваат со каратето, со спортот воопшто?

– Никогаш не се откажувајте од вашата замислена цел, трудот секогаш се исплаќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот