Интересен рецепт за ручек од Стефанија Несторовска: Посна наут манџа со доматно пире
Благодарение на вештите раце и инвентивноста на младата Стефанија Несторовска што стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно.
Препорачано
Денеска уживајте во неповторливиот вкус на посната наут манџа со доматно пире.
Состојки:
– 3 моркови
– 1/2 од кромид
– масло за готвење
– 1 конзерва наут
– 1 тегла доматен сос
– 1 ќесичка спанаќ
– ориз по желба
– зачини по желба***
*** ако доматниот сос ви е веќе зачинет, нема потреба да претерувате со зачини, но ако не е, тогаш слободно додајте микс од зачини. Сол, бибер, оригано, кимион, кари, малку лутко и слично.

Подготовка:
Морковите и кромидот убаво се премиваат, се лупат и се сечкаат на мали коцки. Наутот од тегла се премива со чиста вода и се процедува.
Во тавче, на средно висока температура се додава масло за готвење. Се додаваат сечканите моркови и кромид и се остава да се пропржи неколку минути. Се додава и наутот, се промешува и повторно се остава неколку минути да се пропржи.
Се додава доматното пире и убаво се размешува за да се соединат сите состојки. Доколку користите зачини, додајте ги и нив.
Намалете ја температурата на тивко, поклопете со капак и оставете да се динста 15-20 минути, за да се соединат сите вкусови.
На крај се додава и спанаќот, се промешува и се поклопува за да се зготви. Тавата се трга од оган. По желба се додава и малку магдонос одозгора за свежина.
Сервирајте со ориз или како целосен оброк.



