Индиската варијанта на ковид-19 се заканува од есен да направи хаос

Луѓе и лекари пред инфективна амбуланта на клиника - корона пандемија / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Лекарите алармираат дека поради летниот период и патувањата, како и поголемиот проток на странски и домашни туристи, ризикот од ширење на делта мутацијата е голем.

Индискиот сој на коронавирусот е поинфективен и повирулентен за разлика од другите, меѓутоа вакцината штити од него и ќе ја елиминира смртноста и тешката форма на болеста кај пациентите, вели за „Слободен Печат“ доктор Јованка Сурлакова – Коровешовска, долгогодишен епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Охрид.

Викендов во земјава беше потврден вториот случај на заразен со индиската делта варијанта на коронавирусот. И вториот пациент, исто како и првиот, се вратил од работа од Ирак, а се лекувал во една од приватните болници, потврди министерот за здравство Венко Филипче.

– Станува збор за колега на првиот пациент од Ирак кај кого беше регистриран идискиот сој. Симптомите ги пројавил подоцна од првиот, кој бил регистриран на 7 јуни. Двајцата биле на работа во Ирак, а со истиот авионски лет се вратиле во земјата. Пациентот не е во ризик. Нема ризик ниту од ширење на болеста, според направените епидемиолошки анкети и нема потреба од дополнителни анкети, рече министерот.

Меѓутоа, лекарите алармираат дека поради летниот период и патувањата, како и поголемиот проток на странски и домашни туристи, ризикот од ширење на делта мутацијата е голем.

– Опасноста постои, не само од навивачите од Романија, туку од сите други лица кои што периодов патуваат. Ситуацијата е поотворена од претходно, туристи доаѓаат и имаме поголема фреквенција на луѓе во земјава. Никој не може да предвиди што точно ќе се случи, бидејќи и 500 заразени со новиот сој да влезат, не значи дека тоа задолжително ќе ја прошири со голема брзина заразата со делта сојот. Од друга страна, и петмина да влезат, во зависност од тоа какви ќе бидат нивните контакти, можат да заразат повеќе лица, изјави доктор Александра Димова за „Утрински брифинг“.

Нејзиното очекување е во текот на летото ситуацијата да остане под контрола, не само поради тоа што вирулентноста е можеби помала во топлите месеци, туку и заради фактот што поради топлото време сме на отворено.

– Што ќе се случи во есенскиот период во голема мера зависи од самите нас. Имам впечаток дека малку прерано почнавме да се олабавуваме. Во ред е што мерките се олабавија, но секој лично за себе мора да запомни дека сме далеку од тоа дека можеме да ја прогласиме пандемијата за завршена. Мутации и субмутации на вирусот само по себе ќе има. Некои од нив ќе бидат незначајни, но некои од нив можат да бидат сериозни. Со самото доаѓање на есента, постуденото време и затворањето во затворен простор, може да очекуваме пораст на бројките, така што она што останува значајно е почитувањето на основните пораки од почеток, смета доктор Димова.

Индискиот сој на коронавирусот кај помладите дава полесна клиничка слика, која што се карактеризира со главоболка и кивавица. Ова не беше карактеристично за претходните соеви. Класичните ПЦР тестови го детектираат само присуството на ковид во вирусот, а за која субваријанта се работи, потребни се дополнителни испитувања. Властите на индиската сојузна држава Мајаштра во неделата вечерта по средноевропско време, објавија дека идентификувале 20 случаи на зараза со нов вид на коронавирусот наречен „делта плус“. Карактеристиките на оваа најнова варијација уште се испитуваат.

Светската здравствена организација соопшти дека индискиот сој е детектиран во 80 земји.

Даниловски: Сите вакцини штитат од индиски сој

Иако не се знае во колкав процент, сепак сите вакцини штитат од индискиот сој на коронавирусот, рече епидемиологот Драган Даниловски во интервју за Сител.

– Заразувањето е можно и можно е некој вакциниран да го фати вирусот и да го донесе. Сепак, мислам дека ризикот е мал, со оглед на тоа дека на граница треба да приложите негативен ПЦР тест или доказ за вакцинација, објасни професорот.

На прашањето, дали учениците треба да ја почнат својата учебна година од училишните клупи, Даниловски одговори дека епидемиолошката слика го дозволува тоа.

Интервју со д-р Мехмедовиќ: Индиската мутација предизвикува гангрена и губење на слухот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот