Интервју со д-р Мехмедовиќ: Индиската мутација предизвикува гангрена и губење на слухот

Д-р Злате Мехмедовиќ / Фото: Слободен печат

Индиската мутација на коронавирусот треба сериозно да се сфати за да се избегне евентуалниот летен бран на новозаразени, предупредува д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом – Скопје, кој за време на третиот бран од епидемијата, кога доминантен беше британскиот сој на коронавирусот, неуморно работеше и им помагаше на колегите од ковид-одделението на Клиниката за неврологија.

Доктор Мехмедовиќ, што знаеме за индискиот вид на коронавирусот и дали тој треба да биде причина за загриженост за нашите граѓани?

– Високо преносливата делта варијанта на ковид-19, која првпат се појави во Индија, брзо се шири низ целиот свет, интензивирајќи ја трката за зголемување на бројот на глобалните вакцинации. Оваа варијанта е причина за загриженост поради нејзиното присуство во повеќе од 60 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и нашата држава. Британските научници неодамна проценија дека може да биде 40 проценти полесно пренослива од британската или алфа варијантата. Со тоа ниво на преносливост, очекувано е да се прошири низ целиот свет. Во земјите каде што е регистрирана, делта варијантата забрзано ја заменува алфа варијантата и станува доминантна во период од неколку недели. Како резултат на тоа, следува зголемување на бројот на позитивни случаи на ковид-19 и хоспитализации во земјата. Тоа е сценарио што не смееме да го дозволиме во нашата земја. Внимателното следење на варијантата преку секвенционирање на вирусот, правилно димензионирање на превентивните мерки и интензивирањето на процесот на вакцинација, се основните процеси што треба правилно и одговорно да се менаџираат во наредниот период за да го избегнеме и евентуалниот летен бран што би можел да се очекува во август и во септември годинава.

Со која стратегија може државата да му се спротивстави на индискиот сој на коронавирусот и другите мутации што се можни во иднина?

– Потребно е да се интензивира процесот на вакцинација, бидејќи вакцините уште се ефикасни против делта варијантата, а тоа го сугерираат податоците собрани од земјите, кои имаат значителен број аплицирани вакцини и во кои е присутна оваа варијанта. Но, податоците говорат дека таа ефикасност е намалена, особено е намалена ефикасноста по само една примена доза. Според податоците од Институтот за јавно здравје на Англија, вакцините на „Астра-Зенека“ и на „Фајзер“ се 33 проценти ефикасни против симптоматскиот ковид-19 предизвикан од варијантата делта по една доза, во споредба со ефективноста од околу 50 проценти против варијантата алфа. Сепак, по примени две дози, ефикасноста на вакцината „Фајзер“ против делта варијантата се зголеми на 88 проценти, а „Астра-Зенека“ има ефикасност од околу 60 проценти. Има загриженост дека ако се дозволи вирусот неконтролирано да се шири, во следните месеци да се појават нови варијанти против кои сегашните вакцини може да бидат уште помалку ефикасни. Варијантите, за жал, ќе продолжат да бидат неизбежен факт во оваа пандемија, сѐ додека вирусот не се стави под контрола. Но, тоа не значи дека нема излез. Со континуирано високо темпо на вакцинација, може да продолжиме да се движиме кон понормален начин на живот.

Какви симптоми имаат заразените со индиската варијанта на коронавирусот?

– Гледано од клинички аспект, според првичните анализи што ги добиваме од Индија и од Велика Британија, делта варијантата исто така може да биде поврзана со зголемен ризик од тешка болест и хоспитализација, но и делумно различна клиничка манифестација на болеста. Постојат три симптоми што ја разликуваат оваа варијанта од останатите кога е во прашање зголемен број случаи со гангрени и ампутации на прсти и стапала како резултат на засиленото згрутчување на крвта, нешто што не беше вообичаено за алфа варијантата. Се развиваат микротромбови, кои се причина за силно изразени компликации на екстремитетите, изумирање на здравото ткиво и развој на гангрена кај еден од секои четири пациенти што имаат нарушени параметри на коагулација. Таквите микротромбови се сретнуваат и во дигестивниот систем, во цревата. Како втор симптом што е значително поизразен кај делта варијантата се проблемите на системот за варење. Значително повеќе се јавува повраќање, пролив, гадење и намален апетит. Третиот поизразен симптом е нарушување или губење на слухот кај некои пациенти, оток околу вратот и воспаление на крајниците. Промената на клиничката слика кај делта варијантата укажува на зголемена агресивност на вирусот, што е дополнителна причина да го средиме неговото ширење на глобалната мапа.

Мутациите на вирусот се сериозна закана

– Ширењето на вирусот значи и повеќе можности за негова мутација, значи создавање нови варијанти што на крајот би можеле да го избегнат имунитетот создаден од прележувањето на болеста или од вакцинацијата. Мутациите на коронавирусот се сериозна закана, која може да го наруши напредокот што досега како човештво сме го направиле во насока на сузбивање на пандемијата со ковид-19. Нашиот фокус во оваа криза треба да биде токму на нив и на превенцијата на последиците од нив уште во раните фази на нивното откривање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот