Има ли некој во Техеран да го каже судбоносното „да“ за крај на војната?
Американскиот претседател Доналд Трамп им постави краток рок на разединетите фракции во Иран да се обединат околу прифатливата контрапонуда за мир, во спротивно прекинот на огнот кој беше продолжен синоќа, од негова страна може да биде веднаш прекинат, пренесува порталот „Аксиос“, повикувајќи се на американски официјални извори.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според тројца американски функционери, администрацијата во Вашингтон е сè понетрпелива поради застојот во процесот.
„Трамп е подготвен да им даде уште три до пет дена примирје за Иранците конечно да се консолидираат и да донесат одлука што сакаат. Тоа нема да трае бесконечно“, изјавил извор запознаен со ситуацијата, пренесува американскиот портал.
Засега останува неизвесно дали иранските фракции ќе успеат да постигнат внатрешен консензус во зададениот рок, додека ризикот од нова ескалација и натаму е присутен.
Луѓето на Трамп веруваат дека режимот во Техеран целосно се распаднал
Во меѓувреме преговарачите на Трамп веруваат дека договорот за завршување на војната и решавање на остатокот од нуклеарната програма на Иран е сè уште на дофат, но тие се сериозно загрижени што во моментов нема никој во Техеран со моќ да го каже судбоносното „да“.
Врховниот лидер Моџтаба Хамнеи едвај комуницирал со надворешниот свет, додека генералите на Корпусот на Револуционерната гарда (ИРГЦ), кои моментално ги држат одлучувачките работи во свои раце, се во отворен конфликт со цивилните преговарачи околу понатамошната стратегија на земјата. Американските претставници пак, од друга страна, ја опишуваат ситуацијата како „апсолутен распад“ во Иран, при што ниту една страна нема пристап до врховниот лидер, кој не ги објавува своите ставови јавно.
Генералите не ги слушаат дипломатите
Имено, како што наведува порталот, длабоки поделби се појавиле уште од првата рунда разговори во Исламабад. Тогаш, според „Аксиос“, станало јасно дека командантот на Револуционерната гарда, генерал Ахмад Вахиди, отфрла речиси сè за што разговарале иранските дипломати.

Внатрешниот конфликт меѓу Иранците станал јавен минатиот петок, кога министерот за надворешни работи Абас Арагчи го објави повторното отворање на Ормускиот Теснец, а генералите одбија да го спроведат тоа и почнаа јавно да го напаѓаат. Оттогаш, Иран не даде никаков конкретен одговор на најновиот американски предлог, ниту пак се согласија на нова рунда разговори во Пакистан.
Аналитичарите веруваат дека хаосот е делумно резултат на израелското убиство на Али Лариџани во март. Тој според американскиот портал бил единствената личност со доволно авторитет кој можел да го држи системот за донесување одлуки во Иран унитарен. Неговиот заменик, Мохамед Багер Золгхадр, се покажа како целосно неефикасен во координацијата меѓу војската, цивилите и врховниот лидер на земјата.
Венс со куфери на пистата чекал зелено светло за лет кон Исламабад
Инаку, последните 48 часа во Белата куќа биле исклучително фрустрирачки, а потпретседателот Џеј Ди Венс го доживеал најлошото, наведува порталот. Тој, како што пренесува медиумот веќе ги имал спакувано куферите за Исламабад, каде што според најавите денес треба да ја води новата рунда преговори, но чекал со часови генералите да дадат зелено светло за тоа дали тој и неговиот преговарачки тим воопшто треба да заминат во Пакистан.

Потпретседателскиот авион „Ер Форс Ту“ стоел на пистата во воздухопловната база Ендрус со часови, подготвен за полетување, додека конечно не станало јасно дека патувањето нема да се случи. Во исто време, специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои исто така требаше да летаат од Мајами за Пакистан, се вратиле во Вашингтон, посочува „Аксиос“.
Во меѓувреме Трамп вчера се повлече од состанок со својот тим за национална безбедност. Дури и неговите најблиски советници не беа сигурни до последен момент што точно ќе се одлучи, дали ќе има масовен удар врз енергетската инфраструктура на Иран или ќе се посвети повеќе време за дипломатија. Трамп на крајот го избра второто, наведува порталот.
Трамп сака војната да заврши
Неколку американски функционери и помошници на Трамп дојдоа до истиот заклучок дека претседателот верува дека постигнал сè што можел воено да постигне и дека тој сака да се извлече од сè понепопуларната војна. Сепак, тој нема да се откаже од прекинот на огнот сè додека не ги исцрпи сите други опции, посочува „Аксиос“.
„Се чини дека Трамп повеќе не сака да користи воена сила и донел цврста одлука да ја заврши војната“, вели извор близок до претседателот.
Сепак, останува предупредувањето дека ако медијаторите од Пакистан не обезбедат Иранците да се вратат на масата за преговори во следните неколку дена, воената опција е повторно на маса.


