фото: EPA/ABIR SULTAN

Илјадници луѓе аплаудираа за Трамп на митинг во Тел Авив: Го исвиркаа спомнувањето на Нетанјаху

„Сите му должиме длабока благодарност на претседателот Трамп“, рече американскиот специјален пратеник Виткоф пред да биде прекинат од долг аплауз и извиците „Благодариме, Трамп!“.

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф синоќа ги пофали напорите на претседателот на САД, Доналд Трамп, за постигнување примирје во Газа, во говорот што го одржа на митинг на Плоштадот на заложниците во Тел Авив, на кој присуствуваа стотици илјади луѓе, објави cbc.ca.

„Сите му должиме длабока благодарност на претседателот Трамп – изјави Виткоф, пред да биде прекинат од долг аплауз и извиците „Благодариме, Трамп!“, пренесе ДПА.

Портпарол на Форумот на семејствата на заложниците и исчезнатите лица изјави дека на плоштадот имало околу 400.000 луѓе, а митингот се одржа еден ден по стапувањето во сила на примирјето меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

Виткоф, кој беше придружуван од ќерката на Трамп, Иванка, и од нејзиниот сопруг Џеред Кушнер, им оддаде почит на силата и трпението на семејствата и на израелскиот народ.

„Ви благодарам што покажавте дека иднината на овој регион може да се изгради не врз пепелта на старата омраза, туку врз ветувањето на заедничката надеж. Ова беше долго патување“, рече Виткоф, кој претходно ја посети Газа во придружба на израелската војска. Сонував за оваа ноќ.

Аплаузот се претвори во свирежи и во негодување кога Виткоф ја истакна улогата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

– Само дозволете ми да ја завршам мислата – рече пратеникот, аргументирајќи дека израелскиот лидер „дал сè за својата земја.“

Многу роднини на израелските заложници во Газа го обвинуваат Нетанјаху дека не направил доволно за нивното ослободување во двете години по терористичките напади на 7 октомври 2023 година, во кои беа убиени 1.200 луѓе, а 250 беа киднапирани и одведени во Појасот Газа.

Кушнер и Иванка Трамп исто така им се обратија накратко на присутните и ја пофалија улогата на Виткоф во успешните преговори.

Израел и Хамас се согласија за првата фаза од мировниот план на Трамп. Планот предвидува ослободување на 48-те преостанати заложници во појасот Газа и стотици палестински затвореници, што би можело да почне денеска. Израелската војска соопшти дека веќе се повлекла од делови на Појасот Газа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот