Идеја за викенд десерт: Свиленкаст сутлијаш со мирис на ванила

Сутлијаш
Hillary Levin / Zuma Press / Profimedia

Саботното омекнување на вашите сетила нека ви биде со овој предлог рецепт за сутлијаш.

Сутлијашот е од оној тип десерти што или ви се допаѓа или не ви е баш инспиративен. За мене е синоним на бабина прегратка, млеко што се купуваше во пластично ќесенце и долго се вареше во мало тенџерче. И баба ми како „требе“ ориз со дебели наочари седната на големата кујнска маса. Го правеше долго, или моето детско нетрпение го сметало за долго…

Па од каде потекнува овој рецепт? Се разбира, од Отоманските тефтери 🙂 Зборот „сутлијаш“ потекнува од турската кованица sutlu as, што значи „млечна супа“ или буквално преведено „млечна храна“. Во западните земји, овој десерт е просто наречен пудинг од ориз и се прави на речиси ист начин како и сутлијашот.

Потребни состојки:

1 шолја од 200 мл исчистен ориз
3 шолји од 200 мл млеко
3 чаши од 200 мл вода
6 лажици шеќер
1 лажица екстракт од ванила
лажиче путер
За украсување: цимет, мелени ореви, или слатко од домашните тегли

Подготовка:

Во длабоко тенџере ставете ги водата и млекото и шеќерот. Загрејте ги на умерен оган, за да се стопи шеќерот. Додајте го оризот и намалето го оганот на најтивко. Покријте го сутлијашот со капак и повремено мешајте со дрвена лажица (никако агресивно, треба само да го „раздвижите“). Варете околу 25 – 30 минути, додека оризот се згусне. Пред да го исклучите шпоретот, додајте го ванилиниот екстракт и лажиче путер. Нежно промешајте и покријте го сутлијашот со капак, оставајќи го малку да се олади.
Потоа сервирајте го во длабоки чинии што претходно сте ги натопиле со малку вода. Украсете со цимет, рендани ореви или со некое слатко по ваш избор.

Уживајте!

Видео на денот