Цени во маркети / Фото: Dmitriy Shironosov / Alamy / Profimedia

И во ноември висока инфлација – на годишно ниво 4 проценти

Продолжува трендот на месечно зголемување на трошоците за живот. Откако октомври беше поевтин од септември за 0,2 проценти, ноември во однос на октомври носи поголеми трошоци за половина процент.

Трошоците за живот во ноември се зголемиле за половина процент во однос на октомври. На годишно ниво, пак, инфлацијата е 4 проценти. Ова е помалку отколку во октомври кога годишната инфлација беше 4,5 проценти. Според проекциите на ребалансираниот буџет за 2025 година, просечната инфлација за годинава би требало да биде 2,8 проценти, што е тешко да се оствари. Народната банка, пак, со есенските проекции го ревидираше процентот на просечна инфлација за годинава од 3 на 3,9 проценти.

Надежите на Владата беа насочени кон посмирена инфлација токму во ноември. Причината за тоа беше адресирана на ланското ограничување на маржите во октомври, па кога се споредуваше октомври со октомври и беше очекувана поголема инфлација.

– Ќе ги видиме податоците за ноември, но ланскиот октомври имавме мерки од државата за замрзнување на маржата, нешто што го немавме во ноември. Затоа, кога ќе се спореди ноември со ланскиот ноември, јасно е дека ќе добиеме податок за пониска инфлација. И сега, во октомври во однос на септември имавме намалување на трошоците за живот за 0,2 проценти, но ако се спореди октомври со ланскиот октомври, имаме инфлација од 4,5 проценти. Цените на мало во октомври се намалени за 1,3 проценти во однос на септември, а на годишно ниво се зголемени за 2,8 проценти – изјави министерот Бесар Дурмиши по објавувањето на октомвриските податоци и најави дека нема да има нови замрзнувања на цени, но сепак остави простор за некаква интервенција за празниците ако се забележи некое ненормално зголемување на цените.

Статистичарите пресметаа дека ставката Храна и безалкохолни пијалаци во ноември во однос на ланскиот ноември е зголемена за 5,4%, а најголемо зголемување има кај ставката Рекреација и култура – на годишно ниво од 7,2 проценти.

На месечно ново, најголем раст има кај трошоците за транспорт 1,7 проценти, кај рекреација и култура 0,9 и кај храната и безалкохолните пијалоци за 0,7 проценти.
Според Предлог-буџетот за 2026 година, планираната просечна инфлација за наредната година е 2,5 проценти.

Македонските граѓани се заглавија меѓу ниските плати и високата инфлација

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот