Фотографија: „Слободен печат“/Драган Митрески

Македонските граѓани се заглавија меѓу ниските плати и високата инфлација

Македонија е земја со најниска просечна плата во регионот. Растот на платите, како што уверуваат економистите, ќе значи понатамошен притисок врз инфлацијата. Македонија има годишна инфлација од 4,5 проценти, а Еврозоната од 2,1 проценти

Инфлацијата во Македонија не се смирува и трошоците за живот во октомври се за 4,5 проценти поголеми во однос на ланскиот октомври, а пониски за само 0,2 проценти во однос на септември и покрај очекувањата дека ќе има поголем пад. Економистите сметаат дека една од причините за растот на инфлацијата е во растот на платите и на пензиите. Од друга страна, Македонија сè уште е меѓу земјите со најниска просечна плата и земја со двојно поголема инфлација отколку во Еврозоната каде што процените за октомвриската инфлација на годишно ниво се дека таа е 2,1 проценти.

Просечната нето-плата кај нас во август била 45.310 денари, или 737 евра, со што сме на самото дно во регионот. Чекор пред нас е Босна и Херцеговина каде што просекот е 818 евра. Податоците од Државниот завод на статистика на Србија покажуваат дека просечната нето-плата во Србија е 900 евра. Во Црна Гора, во истиот месец нето-платите во просек биле 1.015 евра, во Хрватска е 1.446 евра, а во Словенија е 1.562 евра.

Во однос на пензиите имаме подобри резултати од некои земјите од регионот, па и од Србија. Просечната пензија во Македонија во септември била 27.189 денари, или 442 евра. Во Србија септемврискиот просек изнесувал 432 евра, а во Босна и Херцеговина 409 евра. Во Црна Гора просечната пензија е 543 евра.

Економистите обично забележуваат дека ваквите голи статистики не даваат реален приказ на тоа колку е реалната куповна моќ на парите во одделни земји, односно колку може да се пазарува со нив. Но, фактот дека сè повеќе наши сограѓани одат на сезонска или на трајна печалба во странство покажува дека со тамошните плати, тие може да си обезбедат поквалитетен живот. Во Извештајот за напредокот на земјава што беше презентиран минатата недела, Европската комисија нотираше дека нашиот реален бруто-домашен производ по жител, изразен во „стандард на куповна моќ“, во 2024 година бил 42 проценти од просекот на ЕУ-27. Токму „стандардот на куповна моќ“ е тој што преку фиктивна валута што ја изедначува куповната моќ во земјите, овозможува споредливост.

ССМ: Не важи веќе барањето за минимална плата од 500 евра

Од ССМ велат дека податоците за инфлацијата покажуваат дека не само што треба под итно да се зголеми минималната плата, туку дека тие веќе не стојат на своето старо барање од 500 евра.

– Владата мора да се соочи со реалноста и да ја натера бизнис-заедницата да ги зголеми платите. И во јавниот и во приватниот сектор! Нашето барање за 500 евра минимална плата веќе е застарено – ќе излеземе со ново, повисоко барање кое ќе одговара на реалните трошоци на животот – вели потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски.

Народната банка, со есенските проекции ги зголеми претпоставките за годинешнава инфлација со тоа што место 3 проценти, новите очекувања за просечната инфлација за годинава е дека таа ќе биде 3,9 проценти.

– Просечната стапка на инфлација од 3,9 проценти за годинава е под влијание на растот на цените на храната, при стабилна, но сè уште инертна базична инфлација која ги исклучува варијабилните цени, какви што се цените на храната и на енергијата и одредено стабилизирање на цените на енергенсите – изјави гувернерот Трајко Славески.

Според Државниот завод за статистика, трошоците за храна и за безалкохолни пијалаци во октомври во однос на пред една година се зголемиле за 7 проценти, рекреацијата и културата за 7,8 проценти, рестораните и хотелите за 5,2 проценти…

Потрошувачката кошничка што ја утврдува ССМ во октомври изнесува 65.544 денари. Во октомври трошоците за живот на едно четиричлено семејство кое си дозволува само поевтини производи и кое има сопствен стан, се повисоки за 467 денари во однос на септември.

Растот на цените не доаѓа однадвор

Но, и покрај ваквите податоци, економистите сметаат дека со административни мерки не смеат да се зголемат платите.

Од „Фајненс тинк“ велат дека остануваат на својот став од летоска дека цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор што ги коригира цените нагоре.

– Во вакви услови, фискалната политика мора да биде прецизно насочена и дисциплинирана. Наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања, самохрани родители и стари лица на кои им се потребни социјални услуги – со мерки што не ја нарушуваат пазарната динамика на цените – анализира „Фајненс тинк“.

Во Извештајот за напредокот на земјата, Европската комисија забележува дека инфлацијата останала висока, иако е во опаѓање. Во тој контекст го споменува и растот на платите.

„Централната банка започна да ја олабавува монетарната политика. Централната банка ја намали клучната каматна стапка во неколку чекори од септември 2024 година, од 6,3% на 5,35% во февруари 2025 година. Сепак, целокупната монетарна политика остана претпазлива, признавајќи дека домашните ризици за инфлацијата се зголемуваат, особено од високиот номинален раст на платите“, пишува во Извештајот на Европската комисија.

И во Буџетот за наредната година е предвиден раст на платите. За плати и придонеси предвидени се 855,6 милиони евра, или 48,8 милиони евра повеќе отколку во овогодишниот буџет. Нашиот Државен завод за статистика не прикажува посебно просечни плати во јавниот сектор и во приватниот, иако многу земји тоа го прават, па не може да се види дали и колку растат платите во приватниот сектор. Оттука и многубројните коментари во јавноста дека платите на вработените во приватните фирми стојат долго време цементирани и дека тие што веќе се вработени примаат и помали плати од нововработените, кои пак, не би прифатиле такви плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот