Фото: Принтскрин

Хрватска го врати задолжителниот воен рок, следуваат казни за оние што ќе одбијат служба

Оние, коишто не сакаат да учествуваат во воени должности поради верски или морални убедувања, ќе можат да поднесат приговор на совеста, а жените немаат обврска за регрутација.

Хрватскиот Сабор денеска ги измени одредбите од Законот за одбрана и со тоа го потврди повторното воведување на задолжителна основна воена обука. Измените на Законот беа изгласани со 84 гласа „за“, 30 „воздржани“ и 11 „против“, објави хрватски „Т портал“.

Основната воена обука ќе трае два месеца, а првите повици ќе бидат испратени до крајот на годината.

Првите регрути се очекуваат во воените касарни во Книн, Слуњ и Пожега на почетокот на следната година.

Сите 18-годишни граѓани ќе бидат запишани во воената евиденција, а на обука ќе се упатуваат во календарската година кога ќе наполнат 19 години. Пред обуката, регрутите ќе минат низ здравствен преглед за да се утврди дали се способни за воена служба.

Исклучително, на воена обука може да бидат повикани и луѓе постари од 19, сè до 30 години, ако службата им била одложена поради студирање или поради спортски натпревари на светско и на европско ниво.

Дозволен е приговор поради верски или морални убедувања

Луѓето кои поради верски или морални убедувања не сакаат да учествуваат во воени должности ќе можат да поднесат приговор на совеста. Тие ќе ја одработат тримесечната обука во рамки на цивилна заштита или во локални самоуправи, во траење од четири месеци.

За воената обука ќе се исплаќа надоместок од 1.100 евра месечно, кој ќе се смета во работен стаж. За цивилната служба надоместокот ќе биде помал, а точниот износ ќе биде уреден со уредба.

Жените немаат обврска за регрутација, но можат доброволно да се пријават на основната воена обука — што е еден од условите за прием во активна воена служба — и да служат во резервниот состав.

Кој ќе биде ослободен од воена обврска?

Од воена обврска се ослободуваат оние кои се оценети како неспособни, кадетите што две години се школуваат по договор со Министерството за одбрана, граѓаните со двојно државјанство кои обврската ја регулирале во странство, учениците од полициската академија, службениците во правосудната полиција и свештеници.

Во случај на неоправдано неодзивање на повикот, се издава налог до полицијата, а се предвидува и парична казна. Казните изнесуваат од 250 до 1.320 евра за оние кои без оправдана причина нема да се одзват на повикот за учество во воената обврска или во цивилната служба, или ако ја напуштат без дозвола.

Невработените, што ја завршиле основната или доброволната воена обука, како и резервистите, ќе имаат предност при вработување под еднакви услови во државните институции и органите на локалната самоуправа.

Пратеници од некои партии ја истакнаа потребата од воведување на воена обука и пополнување на резервниот состав на вооружените сили. Некои од нив предупредуваат на нееднаквоста меѓу оние што ќе одберат цивилна служба и оние што ќе одат на воена обука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот