Фото: EPA-EFE/Alejandro Garcia

Хрватска добива патека за Формула 1

Хрватска направи важен чекор кон реализација на еден од најамбициозните спортско-инфраструктурни проекти во регионот. Министерството за заштита на животната средина и зелена транзиција даде зелено светло за изградба на меѓународниот автодром „Кроација Ринг“.

Станува збор за патека која треба да биде изградена според највисоките стандарди на ФИА, Меѓународната автомобилска федерација. Освен што е предвидено патеката да влезе во Ф1 календарот и да се организираат трки во најбрзиот автомобилистички спорт, во рамките на комплексот се планирани и тестирање на возила, обука на возачи, работа во автошкола, како и бројни комерцијални содржини.

Планирано е патеката да се наоѓа во Карловачката жупанија, северно од гратчето Слуњ.

Целиот комплекс ќе се простира на околу 50 хектари. Околу 40 хектари ќе бидат зафатени од автодромската зона со тркачка патека, падок, сервисни објекти и помошна инфраструктура, додека преостанатите десет хектари ќе бидат наменети за туристички и угостителски објекти.

Самата патека ќе биде долга 4,2 километри, ќе има вкупно 12 кривини и висинска разлика од 34 метри.

Фото: Хрватско министерство за заштита на животната средина и зелена транзиција

Планирана е изградба на бутик-хотел, луксузни апартмани, ВИП-куќи со поглед на патеката, ресторани, изложбен простор и дополнителни сместувачки капацитети, кои би можеле да сместат околу 520 гости дневно.

„За најголемите тркачки настани е планиран капацитет од речиси 18.000 посетители. Природните трибини би можеле да примат околу 15.000 гледачи, а планот вклучува ВИП зони, медиумски центар, како и комплетна инфраструктура потребна за телевизиски преноси. За споредба, стадионот Опус Арена во Осиек има околу 13.000 седишта“, пишува „Форбс Хрватска“.

Изградбата се очекува да трае две години и да се одвива во три фази.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот