Хорнер смета дека другите тимови коваат завера против Ред бул

Шефот на шампионот во Формула 1 смета дека се коваат планови да се воведе некоја нова техничка регулатива со која би се успориле автомобилите на Ред бул, кои сезонава се многу доминантни
Првиот човек на Ред бул, Кристијан Хорнер, изјави дека другите тимови од Формула 1 бараат начин како да ги успорат автомобилите на шампионскиот тим.
Ред бул ја започна сезоната во Формула 1 со две еден-два победи во првите две трки и како што изгледа сега, ќе доминира цела сезона.
– Секогаш може да се најде нешто, некаква техничка директива, некое правило, што може да го измени текот на сезонава. Можам да ви гарантирам дека другите размислуваат на тема како да се успори Ред бул? Тоа е дел од шоуто. Но со искуството доаѓа и способност да се справите со таквите ситуации – ги предупреди Хорнер навивачите и членовите на неговиот тим.
Ред бул направи најдобра работа за имплементирање на новите правила што се воведоа на стартот на минатата сезона. Но, за време на таа сезона ФИА воведе техничка директива да се поткрене повисоко подот на возилата. Се очекуваше дека ова ќе одземе дел од предноста на Ред бул. Сепак овој тим ги освои титулите во обете категории. Хорнер можеби очекува нешто слично и сезонава.
Сезонава Ред бул има предност од најмалку 33 км/ч. во однос на другите возила на рамните делови од патеките.
Тоа е како разлика помеѓу Формула 1 и Формула 2, смета кометаторот на Скај спорт, Дејвид Крофт.