Хамиди: Динамо е сериозен тим, Шкупи ќе го даде максимумот во Загреб
Шкупи откако во првото квалификациско коло во Лигата на шампионите го елиминираше Линколн Ред Импс од Гибралтар, веќе е насочен кон двомечот со Динамо Загреб.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Првиот меч ќе се игра во вторник (19 јули, 21.00 часот) на стадионот „Максимир“ во Загреб, „модрите“ ја имаат фаворитската улога, но играчите на тренерот Гоце Седлоски ќе се обидат да изненадат и дојдат до поволен резултат пред реваншот на 26 јули во Скопје (21.00 часот).
Така размислува и алжирскиот интернационалец во редовите на македонскиот првак, Валид Хамиди.
– Натпреварот е многу важен за сите нас. Смирени сме и овие денови работевме максимално. Во Загреб ќе се бориме за секој дел од теренот и ќе го дадеме максимумот. Несомнено Динамо е сериозен тим со квалитет, но фудбалската игра е иста за сите. Додавајќи го фактот дека нашите навивачи ќе бидат таму и ќе нè поддржуваат, верувам дека ќе ни биде полесно, па се надевам дека ќе се вратиме со позитивен резултат во Чаир – вели Хамиди.
Доколку Шкупи успее да го елиминира и Динамо, тогаш освен трето квалификациско коло во ЛШ, би имал и сигурен плеј-оф за Лига Европа и групна фаза во Лига на конференции.


