„Гугл“ има подобри „џебни сезнајковци“, но нема есап да ги сподели

Гугл и Чет ЏПТ / Фото Ted Hsu / Alamy / Alamy / Profimedia

Успехот на четџипити објави „црвена тревога“ и го притисна „Гугл“ на пазарот да претстави своја верзија на виртуелен соговорник. Но, тоа е меч со две острици, бидејќи на тој начин „Гугл“ би го загрозил својот најголем извор на финансии – ултрапопуларниот пребарувач, кој е доминантен на глобално ниво во бизнисот проценет на 150 милијарди долари

Гигантот „Гугл“ има свој адут со кој може да одговори на астрономската популарност на „виртуелниот сезнајко“ четџипити, но се воздржува да го промовира за да не си нанесе штета на сопствениот бизнис.

Откако стартап-компанијата „Опен АИ“ при крајот на ноември на јавноста ѝ го послужи виртуелниот соговорник четџипити, базиран на вештачка интелигенција, апликацијата за само неколку денови привлече милиони корисници и со недели е најголемиот хит на интернет. „Мајкрософт“ вложи 10 милијарди долари за развој на проектот на „Опен АИ“, за кој се предвидува дека веќе во оваа година ќе врати профит од милијарди долари.

„Гугл“ има сопствено одделение за развој на вештачка интелигенција, кое своите капацитети ги докажа со создавање „несовладливи“ мајстори за шах и за го – игри во кои бројот на можни потези се споредува со бројот на атомите во Универзумот. Успехот на четџипити објави „црвена тревога“ и го притисна „Гугл“ на пазарот да претстави своја верзија на виртуелен соговорник. Но, тоа е меч со две острици, бидејќи на тој начин „Гугл“ би го загрозил својот најголем извор на финансии – ултрапопуларниот пребарувач, кој е доминантен на глобално ниво во бизнисот проценет на 150 милијарди долари. Од наплата на услуги за огласувачи, „Гугл“ во 2021 година заработи рекордни 250 милијарди долари.

Гугл/ ФотоEPA-EFE/FILIP SINGER

Црвена тревога

За да не го изгуби чекорот во новата трка, а воедно и да ја ограничи штетата, „Гугл“ планира во мај на пазарот да претстави уште 20 производи базирани врз вештачка интелигенција, за кои се верува дека се помоќни и поквалитетни од четџипити.

Генералниот директот Сундар Пичаи веќе наредил средствата на компанијата да се насочат кон одделенијата за развој, за доверба и за безбедност, со цел што е можно побрзо да бидат креирани прототипи на доверливи пакети со вештачка интелигенција насочени кон аналитика и содржина.

Веќе е развиена платформата „ламда“, како основа за надградување на проекти со вештачка интелигенција. Еден од најнапредните е „атлас“ на компанијата „Алфабет“, која ги разви виртуелните велемајстори за игрите шах и го.

– Компанијата е загрижена од можното загрозување на сопствената репутација ако производот дава погрешни информации и затоа настапува поконзервативно во споредба со малиот стартап – наведува Џеф Дин, директор на одделението за вештачка интелигенција на „Гугл“.

Сем Алтман, директор на „Опен АИ“, тврди дека трката за развој на вештачка интелигенција е предизвик за големите компании, а не егзистенцијална закана.

– Вообичаено грешат оние што зборуваат дека развој на некоја нова технологија може да затвори конкурентска голема компанија. Луѓето забораваат дека на секој потег има реакција, а тие се прилично бистри и компетентни. Мислам дека ќе има промени со пребарувачите, но не толку драматични колку што претпоставуваат луѓето – вели Алтман.

Чат гпт/Фото: Jakub Porzycki/NurPhoto / Shutterstock Editorial / Profimedia

Прецизноста е важна

Експертите проценуваат дека, наспроти огромната популарност, четџипити нема да може да ја загрози доминацијата на пребарувачот гугл во текот на оваа година, па ни во идната. „Виртуелниот сезнајко“ е интересен соговорник, нуди разбирливи одговори на повеќето прашања, знае да напише есеи, сценарија и програмски кодови, може да положи приемен тест на факултети или да се квалификува како програмер од трето ниво, но сѐ уште прави премногу грешки при поврзувањето и сумирањето на релевантните податоци со кои е нахранет.

Експертите на „Гугл“ им даваат приоритет на точноста и прецизноста на одговорите, а не само на квалитетот на нивното претставување.

Пол Баххајт, авторот на популарните електронски поштенски сандачиња џи-мејл, е убеден дека пребарувачот гугл нема да опстане повеќе од две години.

– Вештачката интелигенција ќе ја елиминира потребата од користење пребарувач со листа на резултати. За да не заостане во новата трка, „Гугл“ ќе мора да го уништи највредниот дел од својот бизнис – забележува Баххајт.

ВИДЕО | Бојчев: Вештачката интелигенција зема сѐ поголем замав

Нема да ве замениме!

Иако и четџипити, а и ламда, се покажаа способни да пишуваат чисти кодови, доволно добро за да положат приемен тест за програмер од трето ниво, виртуелните сезнајковци ги успокојуваат програмерите од крв и месо дека сѐ уште се витални за развојот на информатичките системи и производи.

Нивната способност за создавање пишани тестови и програми тие ја опишуваат како помош за луѓето, слично како што дигитроните не ги исфрлиле од работните места сметководителите.

– Не, четџипити и алфакод нема да ги заменат програмерите. Тоа е тимски спорт. Четботовите може да им помогнат на програмерите да работат поефикасно, но не можат да ја заменат креативноста и уметноста што се неопходни за создавање добра програма – одговорила ламда.

Одговорот на четџипити бил идентичен во содржината.

– Не е веројатно дека четџипити или алфакод ќе ги заменат програмерите, бидејќи тие не се способни целосно да ја заменат експертизата и креативноста на човечките програмери. Програмирањето е сложено поле, за кои се потребни длабоко разбирање на принципите на компјутерската наука, како и способност за прилагодување кон новите технологии – одговорил четџипити.

Маршира новата генерација виртуелни сезнајковци

Сезона на отпуштања

Проектот „апрентис бард“ е надежен сервис на „Гугл“ што прилега на четџипити и покажува сѐ подобри резултати на тестирањата. Тестерите веќе му поставуваат и сложени прашања, како: „Кога ќе биде новата тура отпуштања во Гугл?“.

– Врз основа на податоците до кои имам пристап, малку е веројатно „Гугл“ да спроведе уште една тура отпуштања во 2023 година. Отпуштањата главно се спроведуваат за да се намалат трошоците и структурата, но на компанијата ѝ оди добро финансиски. Всушност, приходите на „Гугл“ во 2021 година се зголемиле за 34 отсто, а вредноста на акциите се кренала за 70 отсто по јануари 2022 година – одговорила машината.

„Гугл“ неодамна објави дека ќе отпушти 12.000 луѓе, односно 6 отсто од сите вработени, за да ги намали трошоците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот