Груевски до Филков: Наместо да собираш документи за екстрадиција, истражи ги монтираните судски процеси
Поранешниот премиер обвинува дека во рамките на судските процеси што се воделе и се водат против него во земјава се уценувале сведоци да даваат лажни изјави, дека се вршеле притисоци врз адвокати да се повлечат како бранители, како и дека во процесите се поднесувале обвинувања со лажни претпоставки.
Експремиерот Никола Груевски, кој во 2018 година избега од Македонија и доби азил во Унгарија, денеска се огласи на социјалните мрежи со свој коментар на најавите од Министерството за правда дека се подготвува ново барање за негова екстрадиција по неодамнешната смена на власта во Будимпешта.
Препорачано
Во каракатеристично долга објава на Фејсбук, Груевски директно му се обраќа и го критикува актуелниот министер за правда Игор Филков, на кој му порача наместо да собира информации од судовите за започнување постапка за екстрадиција, да ги истражи, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и монтираните судски процеси што се воделе против него.
Мицкоски: Ако Груевски се појави во Македонија, ќе оди во затвор
Истовремено, тој упатува и серија обвинувања до поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, тврдејќи дека додека ја предводел Владата имало системски злоупотреби на правосудниот систем.
„Го слушнав денеска излагањето на министерот за правда на Македонија, објаснувајќи на медиумите и јавноста како ревносно собирал информации од судовите и како ја чекал новата власт во Унгарија за да се информирал за промената на мојот и статус тука и да започнал постапка за екстрадиција. Го гледам, и се прашувам кој е на власт во Македонија?! Гледајќи од страна, воопшто не личи дека СДСМ на криминалецот Заев со неговата омраза и валкани методи си заминала од власт. Му предлагам на министерот исто толку ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направи за да може полесно да владее. Му предлагам да собере информации како беа доставувани списоци од кабинетот на Заев за тоа кој треба да биде гонет за да се направи дека е криминалец и да се острани од политиката, а кој за да биде уценет и лажно да сведочи против други“, вели Груевски.
Груевски: Монтирани случаи и уценувани сведоци
Исто така, тој обвинува дека во рамките на судските процеси што се водеа и се водат против него во земјава се уценувале сведоци да даваат лажни изјави, дека се вршеле притисоци врз адвокати да се повлечат како бранители, како и дека во процесите се поднесувале обвинувања со лажни претпоставки.
Тој во повикот до министерот Филков и обвинувањата дека е гонет во монтирани процеси нарачувани од тогашната влада на СДСМ, поединечно се осврнува на секое од делата за кои му се судеше и сè уште му се суди во земјава.
„Да ги прочита обвиненијата, т.н. божемни “докази”, да ги прочита пресудите и да види колку од нив се донесени со лажни претпоставки, заради притисокот што во тоа време го имаа судиите од апаратот на Заев и СЈО за кој веќе секојдневно излегуваат сведочења во медиумите, а министерот делува како да не ги видел.
Да види какви пресуди се носени за набавка на блиндирана кола каде сум обвинет дека сум виновен бидејки сум извршил влијание да се набави, за да остварам корист, а користа да ти била тоа што неколку пати ме превезувале со таа кола.
Да види како тоа сум набавил плацови а никому ниту сум дал пари, ниту сум побарал од него тоа да го направи во мое име, ниту пак фирмата која ги купила има било каква поврзаност со мене.
Да види како сум сум купил два стана кога сопственикот потпишал договор со мене да ми ги изнајмува, а неговиот директор кој божем ги купил за мене, кажува дека ги платил со свои пари, никогаш не земал од мене пари и дека никогаш не сум побарал ништо од него во животот ниту сме ја отвориле темата за становите иако сме сме среќавале службено.
Да прочита како тоа ме осудиле за насилство за наводни шамари, кои никогаш никој никому не ги удрил, после ‘крунското’ сведочењето на сите советници на СДСМ во општината Центар чии главен адут беше дека го чуствувале мојот дух во протестите пред бараките на општината, и како судијата одби да ги сослуша сите сведоци предложени од мене, вкупно на број три.
Да види како се суди поранешен премиер затоа што сакал автопатот Кичево-Охрид да биде завршен порано, пред следните избори, затоа што сакал така да добие повеќе поени пред гласачите“, пишува Груевски.
ВИДЕО | Маѓар удри по Груевски: Унгарија нема да биде засолниште за криминалци
Експремиерот му порачува на министерот Филков да не е изненаден што странски министри, премиери или новинари го нарекуваат криминалец, иако не се запознаени со деталите за судските предмети. Затоа, како што вели тој, сега Филков има можност да ги запознае со деталите кога ќе комуницира со нив.
„Тие странски политичари, премиери, министри, новинари и слично, знаат дека има пресуди и само ја следеле реториката која со години ја имаше поранешната власт предводена од СДСМ и не се должни да проучуваат судски предмети, особено не кога ни новата власт, односно актуелниот министер не се труди да проучи и да објасни во какви околности, со каква политичка хајка и со какви неправди и незаконитости тогашната власт се пресметуваше со нестомислениците, во месеците кога се подготвуваше смената на Уставот заради смена на уставното име и се прифати со посебен договор од историската комисија со источниот сосед да зависи дали и кога Македонија ќе стане член на ЕУ“, вели Груевски.
Правда ги поседува сите потребни документи за екстрадиција
Вчера телевизија Телма објави дека од скопскиот Кривичен суд добиле потврда дека сите документи потребни за екстрадицијата на Груевски се доставени до Министерството за правда.
Телма: Привршува собирањето документи за екстрадиција на Груевски
Од Правда до судот барале да се достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.
Пред три дена, министерот Филков кажа дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана за случајот со Никола Груевски, кој патем има политички азил.
По убедливата победа на изборите, човекот кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција најави екстрадиција на Никола Груевски и посочи дека Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци.
Доколку се врати, Груевски треба да одлежи десет и пол години затвор за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“.
Како што пренесува 360 степени, од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“ .
Мицкоски: Ако Груевски се појави во Македонија, ќе оди во затвор


