Телма: Привршува собирањето документи за екстрадиција на Груевски
Сите документи потребни за екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски се доставени до Министерството за правда, за телевизија Телма потврдиле од Кривичниот суд каде што во моментов сè уште се водат, но и има веќе завршени процеси против обвинетиот и осудениот азилант.
Препорачано
Од Правда до судот барале да се достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.
И министерот за правда Игор Филков пред два дена потврди дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана да го врати бегалецот, кој патем има политички азил.
Владата во Унгарија треба да биде конституирана на 9 мај, Денот на Европа.
Инаку, по убедливата победа на изборите, човекот кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција најави екстрадиција на Никола Груевски и посочи дека Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци.
Сепак, во интервју за „360 степени“, адвокатот од Хелсиншкиот комитет на Унгарија, Жолт Секереш, кажа дека бегалскиот статус на едно лице подлежи на ревизија секои три години. Преиспитување може да се иницира и вонредно, но во тој случај се потребни неколку месеци за да се донесе правосилна одлука, независно од политиката и најавите на Маѓар.
ВИДЕО | Маѓар удри по Груевски: Унгарија нема да биде засолниште за криминалци


