Фото: илустрација / Слободен печат / Драган Митрески

Граѓанскиот сектор се брише од законот, којзнае како ќе се делат парите за ранливите групи, реагираат организациите

Граѓанските организации апелираат до сите пратеници да не ги поддржат предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, со кои од законското решение се бришат граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст, како јасно препознаени организации што можат да добиваат средства за работа со ранливи категории.

Овие организации со актуелното законско решение добиваат пари од давачките кои коцкарниците ѝ ги плаќаат на државата.

„Ова не е само техничка измена. Ова е сериозен преседан кој може да има долгорочни последици врз граѓанското општество, заштитата на ранливите категории и демократијата во Северна Македонија. Со децении, граѓанските организации обезбедуваат директна поддршка за лица со попреченост, жртви на семејно и родово базирано насилство, стари и изнемоштени лица, деца, млади, жени, Роми и други лица и заедници во ранлива положба. Тие работат на терен, во заедниците, во советувалишта, дневни центри, шелтер-центри и други услуги каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поддршка, велат организациите.

„Со предложените измени се отвора ризик средствата наменети за ранливи категории да се распределуваат без јасни, транспарентни и отчетни критериуми, без гаранција дека ќе стигнат до организациите кои имаат искуство, стручност, лиценцирани услуги и директна работа со граѓаните“, пишува во нивната реакција.

Според граѓанските организации, доколку постојат слабости во досегашниот систем на распределба на средствата, решението не е бришење на граѓанските организации од законот, туку подобар, потранспарентен и поотчетен систем: јавни повици, јасни критериуми, независна евалуација, редовен мониторинг и објавување на резултатите од финансираните програми.

„Затоа, ги повикуваме да пратениците да побараат јавно и јасно образложение од предлагачите на законот: која е причината граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст да се избришат од законското решение?“, велат организациите во реакцијата.

Според нив, бришењето на граѓанскиот сектор од законите е опасен сигнал и отвора прашање дали во Северна Македонија се појавуваат практики кои го стеснуваат просторот за граѓанско дејствување и ја оддалечуваат земјата од демократските стандарди и европскиот пат.

„Демократските држави не го исклучуваат граѓанското општество од системот. Напротив, тие го препознаваат како партнер, коректив и носител на услуги за граѓаните. Европскиот пат на Северна Македонија подразбира транспарентност, јавна расправа, учество на граѓаните во креирањето политики и заштита на независното граѓанско дејствување. Пратениците имаат одговорност не само да гласаат за законски текстови, туку и да ја заштитат демократијата, јавниот интерес и правата на граѓаните кои најмногу зависат од поддршка. Затоа бараме од пратениците:

– Да не ги поддржат предложените измени во оваа форма.
– Да побараат повлекување или измена на предложениот текст, со цел граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст да останат јасно препознаени во законот како организации што можат да добиваат и спроведуваат средства наменети за ранливи категории.
– Да организираат јавна расправа и консултации со граѓанските организации, мрежите, националните инвалидски организации, организациите што работат со жртви на насилство, Црвениот крст и другите релевантни чинители.
– Да се заложат за транспарентен и отчетен механизам за распределба на средствата, заснован на јавни повици, јасни критериуми, докажана експертиза, квалитет на услугите и реалните потреби на граѓаните.
Ова прашање не смее да се гледа како партиско прашање. Ова е прашање на демократија, владеење на правото, транспарентност, европски вредности и заштита на најранливите граѓани“, порачуваат граѓанските организации Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Коцкарниците се селат на најмалку 500 метри од училиштата, кладилниците ќе останат и поблиску

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот