Граѓаните се сомневаат за монополско здружување: Цените повисоки, а до денар секаде исти
Во последните две недели пред празникот, како што забележа и Слободен печат но и веб сервисот Ценометар.мк во маркетите има до сега незапамтени поскапувања кај многу производи. Она што се забележува во овој тренд на поскапувања е дека е систематски и остава впечаток на унифицираност на цените. Поради тоа, кај потрошувачите се јавува сомнеж дека не станува збор само за инфлација туку дека можеби станува збор за монополско здружување а инфлацијата и нарушените извори на снабдување се само оправдување. Дотолку повеќе што значителен дел од поскапените производи се токму од домашно производство.
Посната трпеза е „пресолена“, а празничните јајца помалку ќе се вапсаат
Монополското здружување потпаѓа под Законот за облигациени односи кој лани во септември доживеа последни измени и дополнување и е забрането и согласно Законот за заштита на конкуренцијата и согласно Кривичниот законик на Република Македонија, а дали има или нема монополско здружување треба да утврди Државниот пазарен инспекторат во соработка со МВР и Јавното обвинителство.
Еве како се движат воедначените поскапувања во најголемите синџири на маркети во земјава:
Кашкавал
- ајдамер и гауда – цена: 399 денари речиси во сите маркети, поскапување од 43 денари
- кравји кашкавал (домашен) – цена: 399 денари, поскапување од 50 денари
- овчи кашкавал (домашен) – цена: 439 денари, поскапување од 50 денари
Месо и месни производи
- мелено месо – просечна цена: 240 денари/килограм, покачување од 10 денари
- свинско месо – просечна цена: 280 денари/килограм, поскапување од 15 денари
- говедско месо – просечна цена: 460 денари/килограм, поскапување од 84 денари
- пилешко месо (свежо) – просечна цена 189 денари/килограм, покачување од 10 денари
- чајна салама – просечна цена: 480 денари/килограм, покачување од 15 денари
Риба и конзервирана риба
- ослиќ (замрзнат) – просечна цена: 159 денари/килограм, покачување од 15 денари
- туна (конзерва) – просечна цена: 35 денари/100 грама
Јајца
- пакување од 30 – просечна цена: 260 денари, покачување од 48 денари
Шеќер
- пакување од 900 грама – просечна цена: 54 денари, покачување од 16 денари
Масло за јадење и путер
- сончогледово масло за јадење – 130 денари/литар, покачување од над 40 денари
- путер 250г – 138 денари, покачување од над 20 денари
Кај маслото за јадење во маркетите каде што цената се движи околу 2 евра честопати го нема на полиците, додека во маркетите каде чини околу 2,5 евра е достапно да се купи.