Град Скопје аплицираше на јавниот повик од Владата: Набавка на автобуси, противпожарни возила, развој на патната инфраструктура
Набавка на 80 еколошки и 15 електрични автобуси, обезбедување пари за нови противпожарни возила, развој на патната инфраструктура, подобрување на јавната хигиена, ова се дел од проектите за кои Град Скопје аплицираше во рамки на јавниот повик што го објави Владата за помош и развој на општините.
Град Скопје достави вкупно 20 проекти до Министерството за локална самоуправа, кои се фокусираат на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација и на културата.
-Во областа сообраќај, Град Скопје поднесе проекти за 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита, Град Скопје аплицираше за обезбедување финансиски средства за нови противпожарни возила. Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, аплицираше со проекти за реконструкција на улица „Беласица“, изградба на булевар „Македонско Косовска Бригада“ од раскрсница со булевар „Никола Карев“ до раскрсница со булевар „Босна и Херцеговина“, кружен тек на улица „Ѓорче Петров“ со булевар „Македонска војска“, изградба на кружен тек на булевар „Александар Македонски“, изградба на кружни текови на булевар „12-та Македонска бригада“, реконструкција на булевар „Србија“ и проект за надградба на постојната градежна механизација – се вели во соопштението.
Од областа на комуналните дејности, Град Скопје поднесе проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници. За секторот култура и спорт, Град Скопје аплицираше со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар.
Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии, Град Скопје поднесе проект за LoRaWAN инфраструктура и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија на град Скопје.
Мицкоски: Автобуси на кредит што ќе стигнат следната година не го решаваат проблемот на ЈСП
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директено влијание врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.
Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.
Средствата ќе се доделат преку шесте ресорни министерства соодветни од областа на проектите – Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт.
До крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат шест милијарди денари, и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти.