Готвачите да не ги усвитуваат фритезите, помфритот не смее да биде загорен!

Фото: Профимедиа

Пржени компирчиња, помфрит, препечен леб, грицки, крекери, чипс, бисквити, обланди, медењаци, храна за бебиња – во сите има акриламид. Токму од тие причини во 2019 година е донесен Правилник со кој се пропишуваат општите барања за безбедност на храната во однос на нивоата на референтните вредности за намалување на присуството на акриламид во храната

Од умешноста на готвачите во македонските ресторани и кафулиња зависи дали со помфритот што сте го нарачале ќе „мезите“ и од канцерогениот акриламид. Правилникот што Агенцијата за храна и ветеринарство го донела во 2019 година од угостителите бара да применуваат дополнителни мерки, со што ќе произведат и ќе продаваат производи со најниско можно ниво од оваа супстанција. Акриламидот влезе во фокусот на јавноста откако хрватската Агенција за храна и ветеринарство спречи во таа земја да влезе српски чипс со вкус на пиперка бидејќи содржеше високо ниво на ова органско соединение, се формира во одредена храна кога се пече и пржи на температури од 120 до 150 Целзиусови степени.

Врз основа на научни студии на животни, потврдено е дека акриламид во храната потенцијално го зголемува ризикот од развој на рак кај потрошувачите во сите возрасни групи. Бидејќи тој е присутен во многу секојдневни јадења, оваа загриженост важи за сите потрошувачи, но децата се најизложена возрасна група со оглед на телесната тежина. Пржени компирчиња, помфрит, препечен леб, грицки, крекери, чипс, бисквити, обланди, медењаци, храна за бебиња – во сите има акриламид. Токму од тие причини е донесен Правилникот со кој се пропишуваат општите барања за безбедност на храната во однос на нивоата на референтните вредности за намалување на присуството на акриламид во храната.

– Операторите со храна според одредбите од овој подзаконски акт треба да применуваат мерки за ублажување на влијанието на акриламидот во помфрит, други исечени (пржени во длабоко масло) производи и исечен чипс од свеж компир; грицки, солени крекери и други производи од компир од тесто од компири; леб; житарки за појадок (освен овесна каша); фини пекарски производи: колачиња, бисквити, двопек, житни плочки, колачи, корнети, обланди, медењаци, чајни погачи, колач со ѓумбир, како и солени крекери, крцкав леб и замена за леб, кафе, инстант кафе; замена за кафе и храна за бебиња и преработена храна од житарки наменети за доенчиња и мали деца – велат од Агенцијата.

Според одредбите од овој Правилник, производителите треба да донесат програма за земање примероци за лабораториско тестирање и анализирање на нивоата на акриламид во производите, да ги евидентираат резултатите од земањето на примероци и анализите, да водат евиденција и да обезбедат докази за применетите мерки за ублажување на влијанието на акриламидот.

Од АХВ нема информација што покажале и дали се завршени проверките дали и на македонскиот пазар се продава посочениот српски чипс, кои на четврти август за МИА ги најави директорот Николче Бабовски.

– Во РАСФФ системот за брзо предупредување на ниво на ЕУ, сè уште не е нотирано дека овој производ е забранет и дека треба да се повлече од пазарите, а дали е кај нас влезен или не, веќе проверуваме – истакна во таа пригода Бабовски.

Јадете повеќе варена и печена храна

За да се намали внесот на акриламид на минимум европските експерти препорачуваат максимално намалување или целосно исфрлање на прежната храна. Ако и повремено сакате да се почестите со пржени компирчиња, препораката е да се исфрлат оние препржените, крцкави или загорени парчиња. И кога подготвувате тост или препечен леб, треба да пазите да не изгорат и треба да се печат само за да добијат златно-жолта боја. Совет плус е пред пржење на компирите, да се ставаат во студена вода со додавање рузмарин за да се смали создавањето на акриламидот. Пожелно е во исхраната да додадете зелен чај, црно вино и лук бидејќи полифенолот од овие намирници ги попречува промените на ДНК во ќелиите изложени на акриламид.
– Кога подготвувате помало количество компири, намалете го времето на подготовка за да се избегне постигнување претерано кафеава боја на производот и да не се преполнува фритезата за пржење. Фритезата треба да се пополни до половина за да се избегне преголемото впивање масло со продолжување на времето на пржење – стои во Правилникот на АХВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот