Голоб победи на изборите во Словенија, но трофејот му е кршлив
Либералното Движење за слобода на актуелниот словенечки премиер Роберт Голоб победи на неделните парламентарни избори во Словенија со тесна предност пред деснопопулистичката опозициска Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, покажуваат првичните резултати што ги објави изборната комисија, по пребројани 99,85 отсто од гласачките ливчиња, објави „Балкан инсајт“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Движењето за слобода на Голоб освои 28,6 отсто од гласовите и се очекува да добие 29 места во новиот парламент со 90 пратеници, додека СДС на Јанша освои 27,9 отсто и се проектира да има 28 пратенички места. Ниедна од партиите не се доближи до 46-те места потребни за мнозинство. Излезноста беше околу 69,3 отсто.
На третото место се најде христијанско-демократскиот сојуз на Нова Словенија, Словенечката народна партија и Фокус, со девет мандати. Социјалдемократите освоија шест места, исто колку и Демократите на Анже Логар.
Антиваксерската партија Ресни.ца, според проекциите, ќе добие пет места, како и левичарскиот сојуз на Левица и Весна. Уште две места во парламентот се резервирани за претставниците на унгарското и италијанското малцинство во Словенија.
Парламентот е расцепкан, на Голоб му треба поширока поддршка
Расцепканиот парламент ќе бара коалициски преговори. Сегашната владина коалиција ја сочинуваат Движењето за слобода, Социјалдемократите и Левица. Но, според прелиминарните резултати, партијата на Голоб веќе нема парламентарно мнозинство и ќе ѝ треба поширока поддршка за да формира нова влада.
Словенија, како членка на ЕУ и НАТО, влегува во сложен и неизвесен период на составување влада. Ниту блокот околу Голоб, ниту десницата предводена од Јанша не успеаја да обезбедат 46 пратеници, колку што се потребни за мнозинство во парламентот со 90 места, анализира Оливер Рос, пренесе „Дојче веле“.
Ниту опозицискиот десен табор, предводен од СДС на Јанша, не може самостојно да стигне до бројката потребна за формирање власт.
Во таков однос на силите, како можен пресуден фактор се издвојува анти-естаблишмент партијата Ресни.ца, вели Рос, која е препознатлива по прорускиre ставови и по тешко предвидливо политичко однесување. Токму затоа, евентуален сојуз со неа се оценува како многу несигурен.
Тешко дека ќе има широка коалиција меѓу Голоб и Јанша
Од друга страна, идејата за широка коалиција меѓу Голоб и Јанша речиси и не се разгледува сериозно, имајќи ја предвид силната идеолошка спротивставеност и долгогодишната политичка поларизација во словенечката политика.
И покрај тоа, Движењето за слобода прогласи победа по жестоката кампања обележана со скандали, вклучително и извештаи што го поврзуваа Јанша, трикратен поранешен премиер, со израелската приватна разузнавачка фирма „Блек кјуб“.
— Беше напнато, но пред сѐ, благодарам на сите гласачи што излегоа да гласаат. Гласавте за демократија, не само за слобода. Во следниот мандат ќе направиме сѐ за таа иднина да биде подобра за сите граѓани — рече Голоб во обраќање доцна во неделата.
Според некои извори, Голоб сигнализирал оти ќе се обиде да изгради владејачка коалиција и покрај тешката парламентарна математика.
Опозицискиот лидер Јанша изјави дека толку поделен парламент јасно ќе произведе нестабилна влада во земјата со 2,1 милион жители.
Тој оцени дека треба да се распишат нови избори што поскоро бидејќи на државата ѝ е потребна стабилна власт.
— Веројатно изминативе денови сте чекале на бензинска пумпа; знаете што се случува и што ќе се случи — додаде тој, алудирајќи на влијанието на конфликтот на Блискиот Исток врз глобалното снабдување со енергија.
Пцовисани животни, тајни снимки и израелски шпиони: Што се случува во Словенија пред изборите?


