Пцовисани животни, тајни снимки и израелски шпиони: Што се случува во Словенија пред изборите?
Под водство на либералниот премиер Роберт Голоб, Словенија беше меѓу ретките европски држави што признаа независна палестинска држава и лани воведе ембарго за оружје кон Израел поради бомбардирањето на Газа. Таа политика најверојатно би се променила доколку победи Јанша, кој е наклонет кон Израел и кон претседателот Доналд Трамп.
Словенија в недела одржува парламентарни избори на кои либералниот премиер Роберт Голоб ќе се соочи со популистот наклонет кон Доналд Трамп, Јанез Јанша, по жестока кампања обележана со обвинувања за странско мешање и за корупција во власта, пишува „Ројтерс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Анкетите варираат, но аналитичарите предвидуваат тесна трка меѓу Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша и Движењето за слобода (ГС) на Голоб, при што ниедна од нив најверојатно нема да обезбеди мнозинство во парламентот од 90 пратеници. Исходот би можел да зависи од помалите коалициски партнери.
Во прашање е внатрешната и надворешната политика на членка на Европската Унија и НАТО со околу два милиони жители, која се осамостои од Југославија во 1991 година.
Словенија е меѓу ретките европски земји што ја призна Палестина
Под водство на Голоб, Словенија беше меѓу ретките европски држави што признаа независна палестинска држава и минатата година воведе ембарго за оружје кон Израел поради бомбардирањето на Газа. Таа политика најверојатно би се променила доколку победи Јанша, кој е наклонет кон Израел и е сојузник на унгарскиот националистички лидер Виктор Орбан.
Јанша најави дека ќе ја преуреди домашната политика на Голоб преку даночни олеснувања за бизнисите и намалување на финансирањето за граѓанскиот сектор, социјалната заштита и медиумите.
— Ова се можеби најважните избори досега во Словенија, бидејќи ќе одлучат дали земјата ќе остане демократска социјална држава или ќе се приближи кон нелиберални демократии — изјави уредникот во неделникот „Младина“, Роберт Ботери.
Словенија, со развиена индустриска база, излезе посилна од распадот на Југославија во споредба со држави како Србија или кон Босна, кои беа погодени од војни, санкции и политички конфликти.
Сепак, проблеми остануваат. Движењето за слобода на Голоб убедливо победи во 2022 година, но во меѓувреме изгуби дел од поддршката, делумно поради перцепцијата кај гласачите дека не ги исполни ветувањата за подобрување на јавните услуги, како здравството.
Македонски фејсбук-профил ја тресе Словенија — „Маските паѓаат“ објавува бомби за власта
Израелски разузнавачи влегуваат во игра
Кампањата дополнително се заостри овој месец кога беа објавени тајни видеа на анонимна веб-страница, кои наводно откриваат корупција во владата, обвинувања што Голоб ги негира.
Потоа, оваа недела се појави извештај според кој Јанша се сретнал со претставници на израелската приватна разузнавачка компанија „Блек кјуб“, што ги засили стравувањата од странско мешање во изборите. Јанша призна дека се сретнал со советник на компанијата, но негира каква било злоупотреба.
Во меѓувреме, Голоб изјави дека за ова прашање разговарал со други европски лидери.
Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот изјави дека е запознаен со, како што рече, „јасно и документирано мешање, дезинформации и влијание од трети земји“ во пресрет на изборите во Словенија.
— Европејците мора апсолутно да се мобилизираат за да ги заштитат нашите демократии од ваков вид мешање — рече тој.
Партијата на Голоб и активисти, исто така, се пожалија дека за време на кампањата низ Словенија биле закачувани мртви животни на нивните изборни плакати. „Ројтерс“ не можеше да потврди кој стои зад тоа.
— Ова дефинитивно беше валкана кампања — изјави Тереза Новак, пратеничка од ГС, додека водеше кампања на главниот плоштад во Љубљана.
Универзитетскиот професор Миха Ковач предупредува дека ширењето гласини може да ги демотивира гласачите.
— На крајот, никој нема да верува никому. Ќе има огромна ерозија на довербата во општеството — рече тој.
Скандал со шпионажа и обвинувања за корупција ja тресе изборнaтa кампања во Словенија


