Македонски фејсбук-профил ја тресе Словенија — „Маските паѓаат“ објавува бомби за власта
Профилот на социјалните мрежи, кој се појави под името „Маските паѓаат“, досега објави повеќе аудиоснимки за кои администраторите тврдат дека содржат разговори меѓу членови и функционери на владејачката партија „Гибање Свобода“ во Словенија. На профилот наведуваат дека поседуваат стотици разговори, од кои дел постепено се објавуваат на интернет.
Фејсбук-страница која се администрира од Македонија се најде во центарот на политички скандал што последниве денови предизвикува силни реакции во Словенија. На страницата се објавуваат аудиоснимки за кои се тврди дека се разговори меѓу функционери од власта, а во нив се изнесуваат сериозни обвинувања за корупција и политички влијанија.
Препорачано
Профилот на социјалните мрежи, кој се појави под името „Маските паѓаат“ („Maske padajo #nismofejk“), досега објави повеќе аудиоснимки за кои администраторите тврдат дека содржат разговори меѓу членови и функционери на владејачката партија „Гибање Свобода“. На профилот наведуваат дека поседуваат стотици разговори, од кои дел постепено се објавуваат на интернет, пренесе „Нова 24 ТВ“.
Корупциски скандал во Хрватска: градоначалник и поранешен пратеник завршија во лисици
Во некои од снимките, наводно се слуша поранешната генерална секретарка на партијата Весна Вуковиќ, која разговара со други партиски функционери за внатрешни политички прашања, кадровски решенија и за односите во владата.
Дел од разговорите содржат и сериозни обвинувања. Во една од снимките се спомнува министерката за инфраструктура Аленка Братушек, при што се изнесуваат тврдења за наводни неправилности поврзани со големиот железнички проект за изградба на вториот колосек на пругата Дивача–Копер. Во други разговори се зборува и за политички притисоци, влијание врз институциите и за внатрешни несогласувања во владејачката структура.
Во една од објавените снимки се спомнува и претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакоќар Зупанчиќ. Во разговорот се изнесуваат тврдења дека таа наводно добивала дополнителни исплати преку партијата, што таа јавно го демантираше, оценувајќи ги обвинувањата како „целосна лага и измислица“.
Случајот веќе го привлече вниманието на словенечката полиција, која проверува дали снимките се автентични и дали при нивното создавање или објавување е сторено кривично дело. Во рамки на истрагата се разгледува и можноста разговорите да се нелегално снимени или пак да се манипулирани со помош на вештачка интелигенција.
Од владејачката партија „Гибање Свобода“ тврдат дека станува збор за политички мотивирана кампања насочена кон дискредитација на власта и не ја исклучуваат можноста снимките да се обработени или дури генерирани со вештачка интелигенција.
Во меѓувреме, скандалот предизвика силни политички реакции во Словенија, каде јавноста и медиумите бараат одговор на клучното прашање – дали станува збор за автентични разговори од врвот на власта или за внимателно организирана дискредитациска операција.
Фактот што страницата е лоцирана во Македонија не значи дека и самите содржини се создадени тука, но таа е регистрирана на оваа локација.



