Фото: Pexels

Годинава порано се поместуваат часовниците – деновите ќе бидат подолги, но има ли и негативни последици?

Летното сметање на времето оваа година започнува ноќта кон недела, 29 март. Поместувањето на часовникот двапати годишно, напролет и наесен, е практика што со децении влијае врз секојдневието на милиони луѓе. Иако изгледа како едноставно поместување на стрелките за еден час напред или назад, научните истражувања покажуваат дека ваквата пракса има пошироки последици врз здравјето, продуктивноста, економијата и организацијата на општеството.

Летното и зимското сметање на времето биле воведени со цел подобро да се искористи дневната светлина и да се намали потрошувачката на енергија. Но, денес сè почесто се поставува прашањето дали оваа практика сè уште има оправдување.

Во последниве години, особено во европските земји, се водат сериозни дебати за укинување на поместувањето на часовникот.

Додека едни сметаат дека промената носи одредени заштеди и подолги светли вечери, други предупредуваат на негативни последици врз биоритамот, сонот и општото здравје.

Оваа година стрелките ќе ги поместиме порано од лани. Причината не е никаква вонредна одлука, туку стандардното правило на Европската унија, времето се менува последната недела во март, а повторно последната недела во октомври. Бидејќи распоредот на деновите во календарот секоја година е различен, се менува и точниот датум.

Во 2026 година, летното сметање на времето започнува ноќта меѓу сабота и недела, на 29 март. Минатата година промената беше на 30 март, бидејќи тогаш последната недела паѓаше подоцна.

Стрелките на часовникот на 29 март во 2:00 часот по полноќ ќе се поместат на 3:00, што значи дека ќе „изгубиме“ еден час сон, но деновите ќе станат подолги.

Правилото е едноставно, во март часовникот се поместува еден час напред, а во октомври еден час назад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот