Глушец/ Фото: COLIN VARNDELL / Sciencephoto / Profimedia

Глувците почнаа да ги „пикираат“ дуќаните и магацините со храна, АХВ ја зајакна контролата

ливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, за „Слободен печат“ вели дека сите што се во бизнисот со храна мора најстрого да се придржуваат кон добрите хигиенски и производствени практики и да пријават некакво загадување, да поставуваат мамки за глувци или да го пријават секој евентуален недостиг на вода или поплава во магацинските простории

Зајакнати се контролите кај операторите на храна, магацините, маркетите и малите дуќани, а алармот го запали состојбата со неподигнатото и со денови наталожено ѓубре во Скопје, кое продуцира масовна појава на глодари и го загрозува здравјето на граѓаните. Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“, вели дека сите кои се во бизнисот со храна мора најстрого да се придржуваат кон добрите хигиенски и производствени практики и да пријават некакво загадување, да поставуваат мамки за глувци или да го пријават секој евентуален недостиг на вода или поплава во магацинските простории.

Операторите со храна мора да ги затворат сите можни влезни точки, дупки, пукнатини и канализациски отвори, бидејќи ова се најчестите влезни патишта за штетници како што се глувците и стаорците. Состојбата се следи од инспекторите, додава Миланов и сите мора да бидат свесни дека доколку не се придржуваат до прописите, првенствено го загрозуваат своето, а потоа и здравјето на нивните муштерии.

– Контролите се зајакнати, а состојбата се следи. Ова особено се однесува за производствените погони за месо, млеко и млечни производи, пекарниците и малите дуќани, оти таму има многу храна и не смее да има отстапки од добрата хигиенска и производствена практика. Според Законот за безбедност на храната, како „опасност“ се смета секој биолошки, хемиски или физички причинител во храната или храната за животни, или состојба на храната или храната за животни која може да предизвика штетни последици по здравјето. Опасноста од зооноза е која било болест или инфекција која се пренесува по природен пат, директно или индиректно, од животните на човекот – објаснува Миланов.

И дел од трговците, велат дека со загриженост ги примаат информациите за зголемената глодарска популација, дека секојдневно ги проверуваат магацините, бидејќи тие се на ниски места и има поголема можност да влезат дури и преку тоалетите. Некои од граѓаните пак почнаа да ја преместуваат зимницата на побезбедно место оти се плашат дека може да биде загадена. Според стандардите, операторите се должни да вршат дератизација на секои шест месеци, но во некои производствени погони таквата операција се врши и еднаш месечно, брифираат за нашиот весник дел од компаниите кои се бават со дератизација. Сепак, тие откриваат и дека досега ниту еден оператор со храна не им побарал вонредна дератизација.

– Опасноста демне, а бројот на дератизации зависи од пропишаните стандарди. Некои ги прават на 6 месеци, а некои и еднаш месечно. Дождовите и студеното време им погодуваат на глувците, кои во потрага по храна се пикаат во подрумите, или магацините кои се места каде лесно може да дојдат до храна. Штетата што ја предизвикуваат не е само економска, во однос на потрошувачката, контаминацијата и оштетувањето на стоката, суровините и готовите производи, туку и поврзана со здравјето, со оглед на фактот дека глодарите се природни резервоари и носители на заразни болести како што се салмонелоза, лептоспироза, тифус, туларемија, трихиноза… кои ги пренесуваат преку секрети оставени на храната, предметите, во водата… – велат искусни дераторизатори.

Граѓаните газат во исцедоци околу контејнерите

Дождот кои врнеше викендов ја усложнува ситуацијата со наталоженото ѓубре, па граѓаните газат околу и внесуваат дел од исцедокот и во нивните домови. Институтот за јавно здравје наложи пред прагот на секое училиште да се постават дезинфекциски бариери, слично како што беше за време на пандемијата. Препораките до граѓаните се да го селектираат ѓубрето, да избегнуваат контакт со расфрланиот смет, а локалните власти задолжително да ги мијат улиците.
Епидемиологот Драган Даниловски за МРТ изјави дека исцедоците од депониите се многу опасни, сигурно се загадени со урината и екскретите од старците. Ризикот од заразните болести е како во средниот век, само што сега имаме антибиотици, додаде Даниловски.

СЗО: Зоонозите предизвикуваат 60 отсто од заразните болести

Инаку, АХВ спроведува мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози со цел да ги идентификува и да ги карактеризира опасностите, да ја процени изложеноста и да го утврди ризикот поврзан со зоонози и предизвикувачи на зоонози, а мониторингот се врши во сите фази на синџирот на храна, во фаза која е најсоодветна за одредена зооноза и предизвикувачите на зоонози, какви што се стаорци, лисици или ракуни.

Зоонозите се болести што се пренесуваат од животните на луѓето и обратно. Вклучените патогени може да бидат бактерии, вируси, габи или дури и паразити. Според Светската организација за здравје на животните, 60 отсто од заразните болести кај луѓето се зоонозни, а се проценува дека зоонозите се одговорни за најмалку 2,4 милијарди случаи на човечки болести секоја година и 2,2 милијарди милиони смртни случаи.

Инаку, глодарите предизвикуваат повеќе од 10 отсто од вкупната штета на житарките во светското земјоделство, на пример, само неколку сиви стаорци јадат над 100 кг храна со текот на годините. Тие се сметаат за многу деструктивни штетници, кои можат да ја контаминираат храната и да предизвикаат скапи структурни оштетувања. Со нивната постојана физиолошка потреба за грицкање, тие уништуваат материјални добра во непроценливи количини на штета.

Прехранбените производи, но и предметите од разни намени, мебелот, ткаенините, градежните материјали, разните видови опрема и машини, електричните и телекомуникациските кабли, како и разни други добра, претставуваат опасност. Со гризење на електрични кабли, тие исто така можат да предизвикаат пожар. Цената на штетата е често немерлива. Во одредени индустрии, законот пропишува задолжителна контрола на глодари двапати годишно (на секои шест месеци) или почесто, доколку постојат потенцијално поволни услови во кои живеат глодари. Поради оваа причина, превенцијата и контролата се најдобрите методи на одбрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот