Кукли „Лабубу“, илустративна фотографија / Фото: IMAGO / imago stock&people / Profimedia

Глобалниот феномен што доаѓа во кината: „Сони пикчрс“ ги купи правата за снимање филм за Лабубу

„Сони пикчрс“ официјално ги откупи правата за екранизација на кинескиот бренд на кукли Лабубу и започна со развој на долгометражен филм, со можност проектот да прерасне во франшиза, пренесува „Гардијан“.

Според американските медиуми, студиото се одлучило за овој потег откако популарните колекционерски фигурини станаа глобален феномен во текот на изминатата година.

Засега, филмот е во рана фаза и сè уште нема екипа ниту продуцентски тим. „Сони пикчерс“ не сакаа да коментираат за проектот.

Иако Лабубу за првпат беше претставен во 2015 година, куклите со нивните препознатливи заби неодамна доживеаја експлозија на популарност.

Производителот „Поп Март“ дистрибуира играчки во таканаречен формат „слепи кутии“, така што клиентите не знаат точно која кукла ја добиваат сè додека не го отворат пакувањето. Овој вид пакување придонесе за раст на побарувачката, но и за формирање на интензивен пазар.

Препораките од познати личности значително придонесоа за растот на популарноста. Пејачката Лиза од групата „Блекпинк“ (Blackpink) изјави претходно оваа година дека играчката Лабубу е нејзино бебе.

Брендот брзо привлече внимание и во спортските кругови. Имено, НБА играчот Дилон Брукс беше забележан во мај како носи една на синџир кога пристигнуваше на натпревар од плејофот.

Бидејќи развојот на анимирани и играни филмови обично трае со години, стекнувањето на правата од страна на „Сони“ претставува еден вид претпоставка дека брендот „Лабубу“ ќе остане доволно релевантен за да привлече публика во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот