Ѓоковиќ со победа и рекорд ја започна одбраната на титулата на „Вимблдон“

Новак Ѓоковиќ има голем број на фанови и во Париз, Франција/фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Новак Ѓоковиќ не блескаше во првото коло на „Вимблдон“ во кое доста се намачи против Кореецот Квон Соон-воо елиминирајќи го со резултат 6:3, 3:6, 6:3 и 6:4.

Третиот играч на светот, кој ја брани титулата на грен слем турнирот во Лондон, славеше под покрив на Централниот терен по два часа и 28 минути игра, а во второто коло ќе ги одмери силите против победникот од мечот Танасис Кокинакис – Камил Мајжрах.

Ѓоковиќ дојде во Лондон со намера да го „нападне“ 21 Грен слем трофеј во кариерата, односно седми во главниот град на Англија.

Годинава Ноле нема многу мечеви во нозете, што е многу важен фактор, но како што одминува времето се очекува да го подигне нивото на играта и да биде сè посигурен од дуел во дуел.

Српскиот тенисер против Квон освои 19 врзани поени на свој сервис, а неверојатен факт е дека стана првиот играч во историјата кој забележал најмалку 80 победи на секој од четирите Грен слем турнири.

Шестиот носител Каспер Руд со 3:0 го елиминираше Алберт Рамос-Винолас, а деветтиот носител Камерон Нори со 3:0 во сетови 6:0, 7:6 (3) и 6:3 го совлада Шпанецот Пабло Андухар-Алба. Победи забележаа уште Басилашвили, Мунар, Халис, Тиафо, додека Американецот Пол со 6:1, 6:2 и 7:6 (4) го исфрли Вердаско од турнирот.

Во женска конкуренција третата носителка Онс Жабeр со 6:1 и 6:3 за нешто помалку од еден час триумфираше против квалификантката од Шведска, Мирјам Бјорклунд. Успешни на стартот беа уште Цуренко, Риске, Калинина, а мало изненадување направи Хвалинска од Полска која со 2:0 ја совлада Катерина Синиакова од Чешка со 6:0 и 7:5.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот