„Ѓаволот носи Прада 2“ го освои бокс-офисот — моќен старт со 233 милиони долари ширум светот
Продолжението на култниот филм „Ѓаволот носи Прада“ (The Devil Wears Prada) имаше импресивен старт на бокс-офисот, заработувајќи 233 милиони долари на глобално ниво уште во првиот викенд, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Филмот „Ѓаволот носи Прада 2“ (The Devil Wears Prada 2) оствари 77 милиони долари во Северна Америка и дополнителни 156,6 милиони долари на меѓународните пазари, при што доминираше женската публика.
Според анкетите, дури 76% од гледачите биле жени, а 74% изјавиле дека „дефинитивно би го препорачале“ филмот. Критиката, пак, има поделени мислења за продолжението, во кое ликот на Енди Сакс, кој го толкува Ен Хатавеј, повторно се враќа во редакцијата на модниот магазин „Ранвеј“ и повторно работи под водство на строгата Миранда Пристли, лик што го игра Мерил Стрип.

Филмот го бележи најдобриот старт во кариерата на Мерил Стрип, надминувајќи го отворањето на „Мама Миа: еве сме повторно“ (Mamma Mia: Here We Go Again), а воедно претставува и најуспешно глобално отворање за Емили Блант, надминувајќи го дури и „Опенхајмер“ (Oppenheimer).
Буџетот на филмот изнесувал околу 100 милиони долари, значително повеќе од првиот дел, кој чинел 35 милиони. Сепак, режисерот Дејвид Франкел изјави дека по исплатата на актерите, продукцискиот буџет бил речиси ист како кај оригиналот.
Ѕвездите – Мерил Стрип, Ен Хатавеј, Емили Блант и Стенли Тучи – со недели се дел од глобална промотивна кампања, со настани во Токио, Лондон и Њујорк. Во промоцијата се вклучи и Ана Винтур, која беше инспирација за ликот на Миранда Пристли.
Оригиналниот филм од 2006 година заработи повеќе од 326 милиони долари и стана дел од поп-културата, познат по своите култни реплики.
Овој викенд го означи и почетокот на летната филмска сезона во Холивуд, период кој трае околу 18 недели и носи значителен дел од годишната заработка. Иако вообичаено сезоната ја отвораат филмови од „Марвел“, годинава таа улога ја презедоа „Ѓаволот носи Прада 2“ и „Мајкл“ (Michael).
Според аналитичарите, ваквиот старт е особено значаен, бидејќи ретко филм со доминантно женска публика го предводи летниот бокс-офис во САД.
Во моментов, северноамериканскиот бокс офис бележи раст од околу 14 отсто во однос на минатата година, со вкупна заработка од 2,8 милијарди долари.
ФОТО | Ѕвездите на „Ѓаволот носи Прада“ добија ѕвезди на Холивудската патека на славните


