Германското обвинителство покрена истрага за руската шпионажа на високи функционери на Бундесверот
Германското државно обвинителство отвори истрага за прислушување на високи функционери на Бундесверот, објавува германскиот медиум WDR, повикувајќи се на анонимни извори.
Препорачано
Како што пренесува „РИА Новости“, истрагата против засега неименувани лица за шпионажа ја води главниот обвинител, а германското обвинителство наводно смета дека во прислушуваниот разговор била вмешана и руската разузнавачка служба.
Истрагата треба да утврди како се одвивало прислушувањето на разговорот на службеникот и кој треба да одговара за тоа.
Да потсетиме, на почетокот на месецов, главната уредничка на руската национална телевизија РТ и медиумската групација „Расија Севодња“ Маргарита Симонјан на мрежите објави видео и транскрипт од разговорот меѓу германските офицери за нападите на мостот на Крим. Разговорот се случил на 19 февруари, јавува РТ Балкан.
Во петокот попладне руските пропагандни канали објавија аудио снимка од разговорот за кој се вели дека е од 19 февруари, годинава, пишува германски Дојче Веле. Има многу индиции дека снимката е автентична, пишуваат медиумите во Германија – иако Бундесверот сѐ уште официјално не го потврдил тоа.
„Сојузната канцеларија за воено контраразузнавање (БАМАД) ги започна сите неопходни мерки“, изјави пред неколку дена портпаролката на германското Министерство за одбрана за новинската агенција ДПА.
И германскиот канцелар Олаф Шолц попладнево (2 март, 2024) реагираше на извештаите за наводното прислушување:
„Она што е објавено таму е многу сериозна работа. И затоа сега сето се истражува многу внимателно, многу интензивно и многу брзо – и тоа е исто така неопходно’, рече Шолц.


