Градежници работници / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Германија истражува огромна измама – татко и син од Босна ја оштетиле државата за 1,6 милиони евра

Татко и син по потекло од Босна и Херцеговина се најдоа во центарот на истрагата на германските власти поради сомневање дека ја оштетиле државата за повеќе од 1,6 милиони евра. Според извештаите на германските медиуми, двајцата осомничени – 73-годишен татко и неговиот 51-годишен син – со години управувале со компанија со седиште во областа на Штутгарт, која вработувала повеќе од 90 странски работници- објави Бизпортал.

Тие се осомничени за кршење на неколку закони за труд и социјално осигурување, бидејќи задржале придонеси што морале да се платат на државата. Истрагата ја води германската царинска служба, која ги претресла нивните домови и деловни простории како дел од акцијата против нелегалната работа.

Според Финансиската контрола на нелегалната работа, компанијата регистрирана како градежна компанија всушност не извршувала градежни работи. Наместо тоа, дејствувала како посредник за вработување, што значи дека договорите со работниците можеле да бидат неважечки. Се проценува дека, доколку се докаже злоупотреба, таткото и синот би можеле да бидат обвинети за нелегално вработување на странци, што носи сериозни кривични санкции во Германија.

Околу 90 работници биле ангажирани на градилишта на неколку места околу Штутгарт, вклучувајќи ги Беблинген, Вендлинген, Фојербах, Гепинг и Гајслинген. Повеќето од нив, според првите наоди, работеле на премачкување и реновирање на рамни покриви. Странските компании можат да работат привремено во Германија само ако имаат одобрение од Федералната агенција за вработување и ги исполнуваат пропишаните услови – кои вклучуваат вистински работен однос, платени придонеси и усогласеност со германските стандарди за заштита на работниците.

Компаниите кои се обидуваат да ги заобиколат овие прописи, претставувајќи се како градежни изведувачи, додека всушност само посредуваат во вработувањето, ризикуваат високи казни и кривични постапки, пишува Fenix-magazine.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот