Сергеј Ѓеоргиев, терапевт и инструктор: Без целосно простување, нема внатрешен мир
„Сите ментални состојби се предводени од умот. Со нашиот ум го создаваме светот таков како што ние го перцепираме, а не таков каков што е“
По трагичните настани што ја потресоа јавноста, се наметнува прашањето како да се справиме со стресот, болката и неизвесноста, но и како да ги препознаеме сигналите што ни ги испраќа телото кога товарот станува преголем.
Препорачано
Практиките на свесност, јога и медитација сè почесто се препознаваат како алатки што можат да помогнат во справувањето со тешките емоции, враќањето на фокусот и градењето психичка отпорност. За тоа како да се најде мир во време на немир, кои се малите секојдневни ритуали за психичка рамнотежа и како да започне некој што никогаш не практикувал медитација, разговараме со терапевтот и инструктор по јога и медитација, Сергеј Ѓеоргиев.
Простувањето е внатрешен акт, кој го правиме со цел да се ослободиме самите себеси од товарот на непријатна емоција која ја држиме во себе, да се ослободиме од минатото. Без целосно простување, нема внатрешен мир.
Ѓеоргиев е обучен од др. Габор Мате во психотерапевтскиот пристап наречен Compassionate Inquiry (Сочувствително испрашување / Истражување со сочувство), како и од Екарт Тол во групна и индивидуална терапија која интегрира медитација, техники за дишење и источна филозофија со психологија.
Во разговорот, Сергеј објаснува како да го препознаеме стресот, како телото ни испраќа сигнали кога сме преоптоварени и кои едноставни секојдневни практики можат да помогнат да останеме психички стабилни и присутни дури и во тешки периоди.
Прашањето не е дали можеме да имаме живот без болка и непријатни емоции, туку каков е нашиот однос кон нив. Мирот и психичката стабилност ќе ги најдеме во „просторот” помеѓу нас и емоцијата. А, тој простор ќе го најдеме само доколку сфатиме кои сме ние навистина.
Но, често најголемиот предизвик не е само одлуката, туку организацијата – каде да се оди, кој инструктор да се избере и како да се вклопи тоа во динамичниот распоред. Ѓеоргиев е достапен на една најуникатните македонски апликации FitKit, кои овозможуваат брз, лесен и сигурен пристап до илјадници активности за фитнес и ментална благосостојба во многу градови низ Македонија и регионот, правејќи ја грижата за себе многу поедноставна, достапна и одржлива.
Со само неколку клика и без талкање е возможно да се поврзете со стручни лица како Сергеј, кој е дел од големата понуда на FitKit во категоријата Ментално здравје. Можете да бирате од 50+ лиценцирани терапевти, инструктори и психолози, стручни на најразлични теми, преку сесија онлајн или во живо, како и да ви одговара. Доколку сте стручно лице, можете да се приклучите во понудата со пополнување на веб-формата.
Во продолжение, прочитајте го разгворот со Ѓеоргиев:
Во време кога многумина чувствуваат колективна тага или тежина поради случувањата околу нив, како практиките на свесност и присутност можат да помогнат човек да остане психички стабилен?
Неизбежно е во животот да се соочиме со непријатни искуства, со болести, со смрт. Кога тоа се случува на млади луѓе, тагата и болката се уште поголеми.
Пред околу две и пол илјади години, Буда рекол дека има два типа страдање: првиот е болести, разделби, старост, смрт и слично; вториот тип е нашата реакција на овие искуства. Па, дури и мудриот Буда им рекол на своите ученици дека не може да направи ништо во однос на првиот тип страдање, но дека може да им помогне целосно да го искоренат вториот.
Што значи: прашањето не е „дали можеме да имаме живот без болка и непријатни емоции“, туку „каков е мојот однос кон нив“. Мирот и психичката стабилност ќе ги најдеме во „просторот“ помеѓу нас и емоцијата, а тој простор ќе го најдеме само доколку сфатиме кои сме ние навистина.
Кога некој е под силен стрес или емоционален товар, какви сигнали дава телото дека му треба пауза? Како јогата помага да ги препознаеме тие сигнали?
Сигналите се различни кај сите нас: некој ќе ја стегне вилицата, друг ќе доживее тензија во стомакот, трет ќе ги згрчи рамењата и лопатките во самоодбранбен гард. Она што е универзално кај сите е некаква контракција. Јогата ни помага да воспоставиме силен контакт со телото и со тоа да станеме свесни дури и за најсуптилните промени. Тоа значи дека ќе го препознаеме стресот или емоционалниот товар многу порано. А еднаш кога сме свесни, имаме многу алатки како да се справиме со тоа. Длабокото дишење и свесното опуштање на телото се само еден едноставен пример.
Често се случува нашиот ум да ја перципира ситуацијата како многу полоша отколку што навистина е. Сите ментални состојби се предводени од умот. Со нашиот ум го создаваме светот таков како што ние го перципираме, а не таков каков што е. Практиките на свесност и присутност нѐ учат не само како да се смириме, туку и како да препознаеме кога умот прави од мравка слон и како никогаш повеќе да не се врати тој начин на перцепција.
Постојат ли мали секојдневни ритуали што би ги препорачале за психичка рамнотежа?
Се разбира, но за жал нема еден „рецепт“ за сите. Ритуалите би се разликувале во зависност од тоа низ што поминуваат луѓето и што сакаат да постигнат. Но, сепак, има некои ритуали што функционираат универзално. Во јога, тоа се техниките за дишење или пранајама. Овие техники го смируваат нервниот систем и умот, го намалуваат бројот на мисли и носат будност и јасност. Паралелно со тоа ја зголемуваат енергијата и виталноста во телото.
Друг ритуал, за кој исто така мислам дека е универзален е да се престојува во состојба на благодарност. Во кој било момент од денот, за што било, дури и за предизвиците во животот. Ако не можеме да сме благодарни, во тој случај се практикува прифаќање. Праксата на благодарност не би требало да се базира на споредба со други луѓе, исто така не треба да се сведе на едноставно запишување на лист хартија за што сме благодарни денес, туку на доживување на таа состојба и престојување во неа.
Има уште еден ритуал кој би можел да го препорачам, пракса која е директно поврзана со психичка рамнотежа, а тоа е простување. Кога и да почувствуваме дека имаме насобрано гнев, омраза или лутина која долго тлее во нас, тоа е знак дека треба да простиме. Простување не е исто со заборавање, ниту значи дека ќе бидеме повторно блиски со таа личност. Простувањето е внатрешен акт, кој го правиме со цел да се ослободиме самите себеси од товарот на непријатна емоција која ја држиме во себе, да се ослободиме од минатото. Без целосно простување, нема внатрешен мир.
Се разбира, за сите овие теми има многу повеќе што може да се каже, невозможно е целосно да се опфатат во еден краток одговор. За некои луѓе овие практики, особено прифаќањето и простувањето, можат да бидат доста предизвикувачки. Некои дури цврсто веруваат дека постојат работи што никогаш не би требало да ги простат или прифатат. Затоа ги разработуваме овие теми многу подетално на приватните сесии, на курсот по медитација и себеспознавање, како и на часовите по јога.
За некој што никогаш не пробал медитација, која е наједноставната техника со која може да почне дома?
Има неколку почетнички и едноставни техники што ги препорачувам, но најверојатно наједноставната е набљудувањето на дишењето. Пред да ја објаснам оваа техника, би сакал да посочам кон еднo често недоразбирање. Има разлика помеѓу медитативна техника и медитативна состојба. Првото е нешто што го правиме, второто е нешто што се случува само по себе, доколку доволно долго време и на правилен начин ја практикуваме техниката.
Пример:
1. Го ставаме тајмерот онолку колку што ние сакаме и можеме.
2. Се местиме во стабилна и удобна позиција.
3. Го насочуваме вниманието на сензацијата на дишењето во носот или во дијафрагмата. Го подвлекувам зборот „сензација“, бидејќи луѓето често се фокусираат на мислите за дишењето, а не на самото дишење.
4. Целта е да останеме со вниманието на истото нешто за време на целата пракса.
5. Неизбежно ќе се појават мисли што ќе ни го одвлекуваат вниманието на страна. Наша цел е да ги игнорираме мислите и континуирано да се враќаме на сензацијата од дишењето. Еден од моите учители вели дека на почетокот можеме да му се обратиме на умот и да му кажеме: „Тоа што ти можеш да ми го дадеш не е тоа што ми е потребно. А тоа што ми е потребно, ти не можеш да ми го дадеш.“
Со континуирана практика, умот станува постабилен, појасен и помирен. Стресот, тензијата и контракциите се намалуваат како што учиме да не реагираме на умот.
Што би им порачале на луѓето кои мислат дека медитацијата или јогата се „премногу духовни“ или дека не се за секого?
Би им кажал дека се во право, хаха. Би им препорачал да не пробуваат воопшто, особено не медитација, навистина не е за сите. Медитација е само за оние што сакаат мир, слобода, љубов, бестрашност и радост.


