ФСБ: Спречен атентат врз висок руски владин функционер на московските гробишта
Руската Федерална служба за безбедност тврди дека спречила обид за атентат врз висок руски владин функционер во Москва, кој го планирале украинските разузнавачки служби.
Препорачано
Тројца соучесници во заговорот, руски пар и мигрант од централноазиска земја, се уапсени, соопшти Центарот за односи со јавноста на ФСБ, објави ТАСС.
Нападот бил планиран на гробиштата Троекуровски во Москва, на гробот на роднина на високиот руски владин функционер, а осомничените користеле видеокамера скриена во вазна со цвеќе, се вели во соопштението, објави Танјуг.
Како што прецизираше ФСБ, „за да го подготват атентатот врз владин функционер, украинските специјални служби регрутирале нелегален мигрант од централноазискиот регион и двајца претходно осудени руски наркомани, како и Џалолидин Курбанович Шамсов, роден во 1979 година, кој живее во Киев и е баран од руските власти за убиство и нелегална трговија со оружје“.
Запленети се комуникациски уреди, кои откриваат преписка меѓу приведените и украински разузнавач на Ватсап и Сигнал, што го потврди планот за атентат, како и камера за надзор скриена во вазна за цвеќе со далечинско управување и можност за пренос на податоци во странство, која била користена во подготовката на терористичкиот напад, објави ФСБ.
ФСБ не откри кого осомничените планирале да го убијат, но рече дека има информации за подготовка на слични кривични дела во други региони на Руската Федерација, соопшти агенцијата.


