Фотосесија заврши со апсење: Шпански туристи се соблекле пред Кеопсовата пирамида, па реагирала полицијата
Тројца шпански туристи биле приведени на испрашување во врска со инцидентот кај Кеопсовата пирамида (Големата пирамида во Гиза) во Египет. Тие биле приведени затоа што делумно се соблекле за да направат, како што рекле, хумористични фотографии за спомен.
Препорачано
Туристите биле ослободени, но секој од нив морал да плати кауција од 5.000 египетски фунти (околу 90 евра), пишува египетски „Индепендент“.
Полициските службеници за време на рутинска обиколка на археолошкото наоѓалиште Гиза забележале тројца млади мажи што се однесувале сомнително во близина на Големата пирамида. Кога им се приближиле, било јасно дека туристите делумно се соблекле за да се фотографираат со своите мобилни телефони.
Младите мажи веднаш биле приведени и однесени во полициската станица во рамките на археолошкото наоѓалиште.
Во текот на истрагата, туристите изјавиле дека немале намера да го прекршат јавниот морал. Тие објасниле дека само сакале да направат „смешни“ фотографии за спомен, не сфаќајќи дека го прекршуваат египетскиот закон.
Во официјалниот извештај се вели дека тие ги опишале своите постапки како вообичаена „шега“ во нивната земја, тврдејќи дека не биле свесни за строгите египетски прописи што ја криминализираат голотијата во јавни и во туристички области.
По полициската истрага, случајот бил пријавен во Државното обвинителство, кое ја презело истрагата. Полициските службеници биле испрашувани и го потврдиле текот на настаните, а обвинителството ги прегледало и фотографиите направени од туристите.
Откако двајцата осомничени биле испрашани и доказите биле разгледани, обвинителството наредило нивно ослободување до завршување на истрагата.


