ФОТО | Започна уривањето на дискотеките во Градски парк, се „чисти“ теренот за новиот лунапарк
Откако градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера преку видеообјава информираше дека е започната акција за уривање на нелегалните дискотеки во Градски парк, денеска на терен можеше да се забележи дека механизацијата продолжува со уривање на дискотеките кои повеќе од една деценија беа „хит“ за скопјани во летниот период.
Препорачано
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на лунапаркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата“, напиша тој.

Дел од дискотеките денеска се веќе урнати, а на нивно место се очекува да се прошири со години затворениот лунапарк, за кој Ѓорѓиевски соопшти дека ќе започне да се гради во наредниот месец и ќе биде модерен и еден од подобрите на Балканот, па дури и во Европа.
„Станува збор за ултрамодерен лунапарк, кој ќе биде изграден според највисоки европски стандарди и ќе предничи како еден од најдобрите во регионот“, рече тогаш градоначалникот на Скопје.

Град Скопје во декември распиша тендер за изградба на забавниот парк, кој, како што тогаш информираше Ѓорѓиевски, треба да се простира на површина од 84.000 квадратни метри и ќе располага со Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и останати реквизити.
Исто така, градоначалникот во декември соопшти дека лунапаркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост и ќе биде опремен со најсовремени системи за безбедност, видеонадзор и прва помош.

Сепак, од Градот не ни одговорија на прашањата во однос на тоа дали ќе се рушат и останатите дискотеки околу лунапаркот или пак тие ќе останат „цели“, ниту пак дали е избран изведувачот кој ќе треба да го реализира овој огромен проект.


