Судење на Стојанче Јовановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Судење на Стојанче Јовановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО+ВИДЕО | Стојанче Јовановски се смешкаше во судница додека обвинителката Адела Бојчевиќ читаше како ја малтретирал Ивана, а потоа почна да плаче кога го прашаа дали е виновен

Стојанче Јовановски денеска седна на обвинителна клупа во скопскиот Кривичен суд. Тој се товари дека ја навел на самоубиство својата сопруга Ивана, која се обидувала да се разведе од него, а чиј живот оконча заедно со животот на шестгодишната ќерка Катја, со пад од тераса во скопската населба Тафталиџе на 2 март годинава. Судијата кој го води предметот е Ивица Стефановски.

Судење на Стојанче Јовановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Судење на Стојанче Јовановски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Јовановски рече дека не разбира зошто е обвинет за „наведување на самоубиство“, а за првите две дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“ разбира зошто е обвинет и ги признава. Судијата уште еднаш му го прочита диспозитивот на обвинението за „наведување на самоубиство“, по што Јовановски разбра зошто е обвинет, но тоа кривично дело не го призна. Рече дека „Мартин Саздов му се заканувал и го присилувал да даде признание на вина за сите три кривични дела“.  Рече дека здравствената состојба не му е добра, барал да оди на психијатар, еднаш го однеле, го вратиле и толку – и уште е држен во самица во Шутка.

-Се чувствувам виновен за телесните повреди, значи за првите две дела што ми се ставаат на товар, го направив тоа во афект, ме изневеруваше со Мартин, никој нема мене да ме сослуша, имам видео разговори меѓу нив двајцата. Тој ми го упропасти семејството, неговите зборови ги ставаат во моја уста – рече Стојанче.

Судот не го прифати неговото признание на вина зашто не е дадено доброволно.

 

Обвинетиот во судница дојде сам, а ниту еден член од неговото семејство не се појави во знак на поддршка. Семејството на Ивана беше присутно во судница, а најавена како сведок е нејзината мајка Љубица Стојаноска. Кога јавната обвинителка Адела Бојчевиќ ги читаше во детали сите дејствија за кои Јовановски е обвинет, кога опишуваше како ѝ се заканувал, ја давел, по што таа паднала во бесознание, Стојанче со блага насмевка и силно тресење на главата го проследи излагањето на обвинителката.

Судење на Стојанче Јовановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Судење на Стојанче Јовановски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Според обвинителството, на 2 март 2026 година, Стојанче Јовановски меѓу 11 и 12 часот и 30 минути на повеќе локации во Скопје со умисла при вршење семејно насилство обвинетиот телесно ја повредил Ивана Јовановска на начин што откако се сретнале пред училиштето „Нова“, по претходна вербална расправија ја удирал со шлаканици во лицето, па откако пристигнал сведокот Мартин Саздов ѝ се обратил со зборовите: „к…о една, со него ли се е..ш пак“.

Продолжил да ја удира со шлаканица во пределот на лицето, па влегле во возилото на Мартин Саздов марка БМВ и се упатиле сите заедно кон кривичниот суд каде повторно почнал да ѝ упатува вербални закони „к…о една гнасна, ќе те убијам, ќе видиш што ќе ти направам“, се свртел кон задното седиште, почнал да ја дави, па Ивана во еден момент изгубила свест. Мартин застанал на Партизанска, а обвинетиот му рекол „тури ѝ го к…т, ништо не ѝ е, глуми“. Обвинетиот на крајот на паркинг кај Кривичниот суд со двете раце ја нападнал оштетената и таа се стекнала со телесни повреди – три крвни подливи. Ова таа го пријавила во полицијата и затоа на Јовановски му се става на товар кривичното дело „нанесување телесна повреда“, рече Бојчевиќ.

Судење на Стојанче Јовановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Судење на Стојанче Јовановски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Потоа обвинителката почна да објаснува како Стојанче на 2 март на паркингот позади Кривичниот суд при вршење семејно насилство ѝ се заканувал по животот на Ивана за да ја вознемири и заплаши и предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Тој во присуство на сведокот Саздов ѝ рекол – „ќе ти го уништам животот“, „ни Катја ќе ја видиш, ќе лежам во затвор, ќе искочам и мамето ќе ти го е..м“. Потоа ѝ рекол – „ајде к…о, оди да се спакуваш, пријави ме, ништо не можеш да ми направиш“. За ова му се става на товар кривично дело „загрозување на сигурноста“.

Судење на Стојанче Јовановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Судење на Стојанче Јовановски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

За третата точка, односно за кривичното дело „наведување на самоубиство“ обвинителката остана во целост на обвинението.

Од 2023 година до 2 март 2026 година на повеќе локации на јавни места во Скопје и дома во стан во сопственост на Стојанче каде живеел со Ивана и Катја обвинетиот сурово и нечовечно постапувал кон Ивана која се наоѓала во положба на фактичка и материјална подредена положба, па таа извршила самоубиство кое му се препишува на небрежност на обвинетиот. Откако издејствувал во ноември 2022 со договор за дар таа да му го препише делот од станот во кој живееле, а таа да остане да живее, па по стекнувањето со станот почнал психички и физички да ја малтретира, сурово и нечовечно да се однесува, ја тепал, ја малтретирал во домот, на јавни места и ѝ се заканувал дека ќе ѝ ја одземе ќерката Катја. Продолжил со психичко и физичко малтретирање постојано обраќајќи ѝ се со зборот „курво“, дека ќе ја исфрли од станот, а ќерката нема да ја види. Ивана, Стојанче и сведокот Мартин Саздов ја зеле Катја од основно училиште „Песталоци“ и стигнале во зградата. Откако оштетената побарала да се качи сама со ќерката во станот за да спакува ранче за себе и детето, обвинетиот инстистирал да се качи со нив и продолжил во станот во присуство на Катја и Саздов да ѝ се обраќа со зборовите „к…о една, ќе те исфрлам од станот“, „к.р ќе ти го вратам станот, ќе видиш со кого си фати работа“, гласи обвинението.

Адвокатката Неда Чаловска што го застапува семејството, рече дека предјавува оштетно побарување и се приклучува на кривичниот прогон.

Судење на Стојанче Јовановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Судење на Стојанче Јовановски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

 

Трауматичниот настан ја вознемири јавноста и беше причина за масовен протест во Скопје. Јавноста си повеќе се сензибилизира со фактот дека семејното насилство во Македонија е овозможувано од страна на институциите кои иако го гледаат, не го превенираат ниту го сфаќаат сериозно.

Ова го потврдува фактот што само два часа пред падот од терасата на Ивана и Катја во скопски Карпош, полицијата излегла на терен поради пријава за расправија меѓу сопружниците. Но, полицајците не го привеле Стојанче, туку на службена белешка констатирале изјава од сега починатата Ивана „дека нема физички контакт меѓу неа и сопругот, дека се работело за недоразбирање што го решиле по мирен пат и дека не бара полициска интервенција и поведување полициска постапка зашто работите ќе ги реши со развод“. Ова полицијата го направила и покрај тоа што со измените во Кривичниот законик им се овозможи по службена должност да гонат семејни насилници во случај кога тие нанесуваат телесна повреда. Истиот ден, кога животите на Ивана и Катја згаснаа, полицајците предоцна најдоа снимка на која се гледа сопругот Стојанче Јовановски како ја удира Ивана.

Две жени, Ивана Белчева и Тања Спировска, во видео изјави за „Слободен печат“ потврдија дека Стојанче ја тепал Ивана, а тие за џабе го пријавувале.  Според Белчева, тепањето се случило на јавно место, во паркот во Ѓорче Петров во декември 2025 година. Како што објави „Слободен печат“, за ова семејно насилство на јавно место на МВР му требаа 45 дена да испрати известување до Центарот за социјални работи во Скопје.

Тања Спировска пак, сосетка на сега починатите Ивана и Катја, за „Слободен печат“ изјави дека кога го пријавувала Стојанче, полицијата доаѓала во зградата, ама потоа полицајците ѝ се заканувале дека таа ќе добие пријава за „лажно пријавување кривично дело“. Спировска ни рече дека насилството било дење и ноќе, надвор пред зградата, во лифт, во ходникот од зградата, пред детето.

„Слободен печат“ исто така откри дека на 19 јануари 2026 година Стојанче Јовановски ја турнал Ивана по скалите на Клиниката за дигестивна хирургија пред очите на детето. Ивана била хоспитализирана на оваа Клиника кога сопругот дошол да ја посети и ја турнал по скалите. Таа паднала во бесознание. Полицијата дошла на пријава на Клиниката, но како завршила оваа пријава не е јасно ниту пак МВР некогаш обелодени. Стојанче тогаш не бил уапсен за вршење семејно насилство иако ја турнал Ивана по скали во јавна здравствена установа која повикала полиција.

Министерството за внатрешни работи од 2 март до денес нема соопштено што откри нивната внатрешна контрола за постапувањето на полицијата која само неколку часа пред самоубиството добила пријава од самата Ивана и била на лице место, но се повлекла откако Ивана изјавила дека станува збор за недоразбирање.

Просветната инспекција влезе во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопски Центар каде учела шестгодишната Катја. И тие не кажаа што утврди нивниот вонреден надзор. Инаку причината поради која беше извршен вонреден инспекциски надзор беше тоа што директорите на училиштата имаат законска должност во Обвинителството, во полицијата и во Центарот за социјални работи да пријават сознанија за родово базирано насилство особено кога со истото е загрозен животот.

Постапи ли училиштето „Песталоци“ со должно внимание кон тоа што го помина Катја?

 

Изминатите години СВР Скопје поднело 10 кривични пријави против Стојанче Јовановски за насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Во декември 2025 бил уапсен за трговија со дрога бидејќи му биле најдени 20 паковки марихуана и метамфетамин, по што МВР доставило кривична пријава до јавен обвинител.

Јовановски освен за наведување на самоубиство, се товари и дека ѝ нанел на Ивана телесни повреди при семејното насилство и за загрозување на сигурноста. Тој, како што соопшти Обвинителството, на 2 март пред самоубиството, на повеќе локации во Скопје ја тепал и телесно ја повредил својата сопруга. Ја удирал со шлаканици и со тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди од кои во еден момент таа загубила свест. Истиот ден, 2 март 2026 година, на паркингот позади Кривичниот суд каде денеска на обвинителна клупа седна Стојанче, тој ѝ упатил сериозни закани на Ивана дека ќе нападне врз нејзините живот и тело, со што кај неа предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.

Доказите што ги обезбедило Обвинителството потврдувале дека Јовановски подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон Ивана, која кон него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот.

Обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата.

Обвинетиот сè почесто ја тепал и ја омаловажувал во нивниот дом во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде што живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Кога на критичниот ден жената повторно била изложена на неговото психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, како и на неговите закани и навреди, се вратила во станот заедно со детето. Побарала да се качи сама со ќерката во станот за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да се качи со неа и продолжил да ѝ се заканува. Сведок на настанот го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената да се спакува.

Но, малтретирањето ја довело Ивана во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност. Тогаш таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можноста да продолжи да врши насилнички кривични дела.

Мајката поднела тужба да се разведе од насилникот, а во ЦСР Скопје пред еден месец е пријавено дека сопругот ја тепал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот