Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Фото: Слободен печат / Мирослава Симоновска

Постапи ли училиштето „Песталоци“ со должно внимание кон тоа што го помина Катја?

Во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопски Центар каде што учела шестгодишната Катја, која загина при пад од зграда заедно со нејзината мајка Ивана Јовановски, после долгогодишно физичко и психичко малтретирање од страна на сопругот Стојанче Јовановски,  наскоро ќе влезе Просветниот инспекторат, одговорија за „Слободен печат“ од Инспекторатот. Причината е во тоа што училиштата, според Законот за спречување и заштита од семејно насилство, имаат свои одговорности.

Членот 41 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, предвидува дека одговорното и раководното лице во институцијата што врши дејност од областа на социјалната и детската заштита, вработувањето, внатрешните работи, здравството и образованието, се должни да пријават сознание за постоење на родово-базирано насилство врз жените и семејно насилство до полициска станица или до Центарот за социјални работи.

Исто така, секое одговорно и раководно лице во правното лице, кога има сознание за постоење на родово-базирано насилство врз жените и семејно насилство, со кое се предизвикува непосредна опасност по животот и телото, е должно да пријави до Јавното обвинителство. Дента кога окончаа животите на Ивана и на Катја, Катја била на училиште до околу пладне. Тогаш, според неофицијални информации на „Слободен печат“, во возило на пријател таа заедно со родителите била превезена до станот во Тафталиџе. Мајката Ивана истиот ден имала закажано состанок во ЦСР Скопје за насилството што Стојанче го вршел врз неа во паркот во Ѓорче Петров на 19 декември 2025 пред сведокот Ивана Белчева, но не дошла на состанокот. Тоа беше последниот нејзин ден и последниот ден на Катја.

На ова место во скопската населба Тафталиџе, окончаа животите на Ивана и Катја Јовановски, соседите оставаат цвеќе и мечиња во спомен на жртвите / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
На ова место во скопската населба Тафталиџе окончаа животите на Ивана и Катја Јовановски, соседите оставаат цвеќе и мечиња во спомен на жртвите / Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска

Според Законот за заштита од семејно насилство, училиштата треба да го применуваат факторот „должно внимание“ што е предвиден во членот 4 став 3.

Службените лица во институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, внатрешните работи, здравството, детската заштита и образованието, како и надлежните судови и обвинителства во постапките за родово- базирано насилство врз жените и семејното насилство се должни да постапуваат итно, со должно внимание на интересите и потребите на жртвата, пропишува членот 4 став 3 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

До директорката на училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската општина Центар, испративме прашања на службената имејл-адреса на училиштето, со прашање дали стручните служби во училиштето со должно внимание, како што е предвидено во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, постапија во случајот со ученичката Катја Јовановски, која по пад од зграда во Карпош загина по долгогодишно семејно насилство од таткото Стојанче Јовановски, кој сега е притворен.

Дали и какви мерки училиштето презеде за заштита на детето? Имате ли некогаш како училиште со стручните служби што ги има во училиштето, пријавено, алармирано или реагирано за заштита на Катја?, беа прашањата од „Слободен печат“.

Од училиштето не беа транспарентни.

За сите преземени активности и мерки од страна на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, а согласно предвиденото во Законот, известени се надлежните институции. За потребите на дневното информирање во „Слободен печат“ не можеме да дадеме повеќе информации за трагичниот настан, ни рекоа оттаму.

Кога прашавме во Јавното обвинителство дали тие побарале и добиле наоди од училиштето што го посетувала Катја за нивните евентуални постапувања, ни рекоа дека истрагата е во тек и ОЈО не е во можност да споделува детали од доказите што се прибавуваат.

Во Државниот просветен инспекторат прашавме дали тие ќе извршат вонреден надзор во училиштето каде што учеше шестгодишната Катја и добивме потврден одговор.

Ве известуваме дека до Државниот просветен инспекторат досега нема пристигнато официјална информација во врска со наведениот настан. По однос на Вашето обраќање, Државниот просветен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци” – Центар, Скопје, согласно своите законски надлежности, велат од ДПИ. 

Инаку, истиот ден кога се случи трагедијата, Ивана самата повикала полиција и пријавила семејно насилство од сопругот Стојанче Јовановски, кој сега е осомничен за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.  Пред падот од зграда, претходеле неколку настани. Стојанче прво се заканувал и ја удирал Ивана во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од пријателот се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие, со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди, хематоми по главата и телото.

Иако Ивана ја повикала полицијата, тие не ги виделе хематомите и констатирале дека таа ја повлекува пријавата против Стојанче. Си заминале, а по два часа следуваше самоубиството. По самоубиството, полицијата најде камера од истиот ден, односно снимка од „Сејф Сити“ на која се гледа дека Стојанче ја удира Ивана. Внатрешната контрола на МВР моментално проверува како постапувале полициските службеници по сите пријави кои Ивана ги поднесувала против насилниот сопруг.

Постапката е во тек. Во координација со надлежното јавно обвинителство се преземаат сите потребни мерки и активности. Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува во рамки на своите законски надлежности, велат од МВР за „Слободен печат“.

Според кривичната пријава што е поднесена против Стојанче Јовановски кој е во притвор, тој во периодот од 2019 година до 2 март годинава во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и ѝ нанесувал видливи повреди по целото тело на својата сопруга која се разведувала од него. Овие настани, сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции.

„Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на Јовановски се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место“, соопшти викендов ОЈО Скопје.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот