ФОТО | Интервју со Александар Пановски-Пуцко: Кујната дома ми е претворена во лабораторија!

Александар Пановски/приватна архива

Кога готвењето не е само професија, туку и голема страст, неминовни се прекрасни дела во кујната.

Со Александар се запознавме работејќи на еден проект поодамна, кога бев дел од работилниците што тој ги подготвуваше со своите ученици во училиштето каде што тој е вработен како професор. Тој освен што е едукатор, е другар со учениците, мераклија за готвење и еден од ентузијастите кои се интересира за молекуларна гастрономија.  Разговараме со Александар Пановски –  Пуцко, професор во ДСУ за рехабилитација и образование, „Св Наум Охридски“, гурман и ентузијаст за молекуларна гастрономија.

Спојот на едукација и страст за готвењето за Александар Пановски – Пуцко не се нешто невообичаено – тој е роден со желбата да биде готвач!

Работите како професор во средното училиште, со ученици со несекојдневни предизвици и голема желба за учење. Како ви поминува еден работен ден, и што е најинспиративно во работата со децата кога станува збор за готвењето?

– Децата се мојата енергија. Кога зборуваме за лица со нетипичен развој, мислиме на она најмилото и најневино човеково битие, со чиста душа и срце, големо како планина. Тоа се лица кои безрезервно сакаат и кои без некои посебни ограничувања го искажуваат тоа. Да бидам таму и да го минувам поголемиот дел од денот, работејќи 17 години со нив, лично сметам дека е мојата животна мисија, во која навистина сум максимално внесен и уживам. Кај нив ме инспирира тоа што без разлика на нивната попреченост, секогаш сакаат да слушнат нешто ново, нешто што со посебно внимание ќе го следат, па макар и тоа да е некоја не толку важна новина. Љубопитни се, со многу прашања, најчесто неповрзани за темата, но секогаш будни и активни. Не се само моите ученици тие кои учат од мене, туку и јас учам од нив, а тоа е да го сакам животот на начинот на кој тие го тоа прават, секогаш со позитивен дух и мисла. Токму така ми поминува еден работен ден…

ученици од Климент Охридски/Facebook
ученици од Климент Охридски/Facebook

Ми споменавте дека сте пасиониран љубител на „играњето“ и „експериментирањето“ со молекуларниот начин на рекреирање рецепти. Како го откривте овој метод и каков е трендот кај нас за ваква храна?

– Модерниот начин на готвење или молекуларната кујна е мојата страст. Тоа е она кон што целам. Неопходно е секогаш да се има стабилен извор на информации, техники и вештини. Опседнат со модерна кујна, сѐ што гледам наоколу го поврзувам со уникатна чинија. Дури некогаш одам и предалеку во нереални насоки, но тоа сум јас, човек кој сонува. Кај нас овој тренд последните години носи позитивни вибрации, што посебно ме радува, но од друга страна забележувам и многу испомешани стилови, кои не одговараат да бидат на едно место. Човек треба да знае каде цели и кој стил сака да го негува во животот. Само така ќе може постојано да се надградува. Јас сум човек од настава и сите информации во поглед на готвењето ги прибирам селективно од слики, видеа, стручна литература, соработка со колеги, шефови на кујни, но она што вистински ми фали тука кај нас е добар водич, соработник, фантазер. Има, но малку се, да не речам повеќе „скржави“ на информации. Можам слободно да кажам дека вистински рецепт не постои и дека тоа е само ориентир или насока по која се движиме. Секогаш преферирам да научам и споделам што повеќе техники на работа, бидејќи ако човек ги познава техниките, тој ќе може да создава свои рецепти. Сè останато е „копи пејст“.

Александар Пановски/Instagram
Александар Пановски/Instagram
Александар Пановски/ приватна архива
Александар Пановски/ приватна архива
Александар Пановски/приватна архива
Александар Пановски/приватна архива

На Фејсбук имате објавено едно чудо фотографии со прекрасни делиции што ги приготвувате. Освен прецизната архитектура на слатките, колачињата, салатите, деконструирањето на храната… Што е најважно кога се вложува човек во ваков специфичен тип техника? Раскажете ни повеќе околу вашето искуство…

– На социјалните мрежи немам некои посебни слики што можат целосно да ја доловат мојата страст. Тоа се слики претежно од мојот мобилен телефон, а јас сум ужасен фотограф, хаха. Мојата емоција би била комплетно доловена, кога некој тоа професионално ќе го отслика. Соработката со угостителски објекти и одредени настани на кои често сум ангажиран, да покажам дел од она што најдобро умеам да го правам, ме инспирираат и мотивираат секогаш да барам нови, необични вкусови и модерни презентации, кои би предизвикале воодушевување кај гостите. Често знам да бидам ангажиран со давање приватни часови по готвење, а насмевката од задоволни клиенти ми е мотив плус и понатаму да продолжам да работам со исто темпо. Гастрономијата е доста динамична и бара од нас постојано да сме во тек со модерните трендови и техники на работа, а тоа нѐ прави менливи и секогаш прилагодливи кон промените.

Александар Пановски/Instagram
Александар Пановски/Instagram
Александар Пановски/ приватна архива
Александар Пановски/ приватна архива

На шега кога зборувавме за животната страст кон храната, ми рековте „Кујната дома ми е претворена во лабораторија“. Што значи за еден готвач, сопруг и татко поддршката од дома? Како гледаат вашите најблиски на оваа особено посветувачка професија?

– Кујната ми е терапија, единствено домашно катче во кое царува мојот „хаос“ и доколку некогаш наидам на клуч од другата страна на вратата, тоа би значело дека ептен сум се заборавил со „експериментирање“. Таму се чувствувам најслободен и го поминувам секое слободно време. Последиците од целата работа, било да се тоа позитивни или негативни, се на грбот на мојата сопруга, која неретко става уметничка нота во мојот финален производ. За крај би додал дека мојата петгодишна ќерка сѐ почесто го дополнува „хаосот“ во кујна, па од неодамна почнав да правам своја вистински изолирана „лабораторија“, која се надевам дека ќе ја завршам до пролет.

Александар Пановски/приватна архива
Александар Пановски/приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот