ФФМ обезбеди средства за реконструкција на Градскиот стадион во Кавадарци! (ВИДЕО)
ФК Тиквеш и градот Кавадарци ќе го добијат она што со децении го сонуваа сите вистински љубители на фудбалот. После 30 години Градскиот стадион во Кавадарци ќе добие потполно нова слика.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Фудбалската федерација на Македонија вложува повеќе од 300.000 евра, целосно реконструира две трибини (јужна и источна), а целосно покриена со кровна конструкција ќе биде јужната трибина. Веќе се набавени и 2000 нови столчиња за стадионот на ФК Тиквеш. Општина Кавадарци потоа целосно ќе ги обнови и модернизира соблекувалните и останатите простории во рамки на стадионот.
– За кратко време го поминавме патот од идеја до реализација. Сите знаеме колку стадионот и ФК Тиквеш значи за градот Кавадарци. Исклучитено сме задоволни од досегашниот тек на активностите, напредокот веќе е видлив, а следната пролет ќе ја видиме целосната слика од Градскиот стадион. ФФМ обезбеди средства за изградба и реконструкција на трибините на стадионот, а заедно со општината ќе продолжиме да создаваме услови за подобрување на фудбалската инфраструктура. Благодарност до градоначалникот Јанчев и неговата администрација за обезбедувањето на сета потребна документација и можноста да започнеме со реализација на проектот во најкраток рок – изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев ова е вредност за градот која ќе трае ќе биде поттик за многу идни генерации.
– За реализација на овој проект изразуваме голема благодарност до Фудбалската федерација на Македонија. ФФМ обезбеди средства и врши реконструкција на стадионот. За ваков прилично голем проект, едни без други не можеме и на овој начин само ја унапредуваме нашата соработка. Секојдневно сме во комуникација со луѓето од федерацијата, стадионот на некој начин е „жива материја“ и заеднички се трудиме да направиме позитивни работи за фудбалот и воопшто за спортот во нашиот град. Она што Федерацијата го прави заедно со општините, едноставно, секој мора да го поддржи бидејќи се вложуваат средства, а корист имаат клубовите. Драго ми е што и ние како локална самоуправа после многу години создаваме поинаква слика за Градскиот стадион, а тоа е вредност за градот која ќе трае и ќе биде поттик за многу идни генерации фудбалери – вели градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Фудбалската федерација на Македонија со средства од „Хет-трик” програмата на УЕФА го финансираше поставувањето на целосно нова тревна подлога (тревни бусени) со модерен дренажен и систем за наводнувањена стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, а исто така, постави и целосно ново рефлекторско осветлување и сега на стадионот има можност да се одигруваат и натпревари под рефлектори.

За кратко време, Фудбалската федерација на Македонија целосно ќе ја заврши и ќе ја пушти во употреба новата трибина на стадионот во Чаир, потоа целосно ќе го заврши и новиот терен на стадионот на ФК Ренова во Џепчиште, а еден од покрупните проекти кој се очекува да се финализира е стадионот „под Тумбе кафе“ во Битола.
Во тек се градежни активности и изградба на нова трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, а еден од важните проекти во периодот што следува е целосна обнова со изградба на нова трибина на градскиот стадион во Штип.


