ФАО: Шеќерот поскапе за 7,2 отсто, следни на удар се зејтинот и пченицата

Светските цени на храната повторно се во пораст, втор месец по ред, главно поради зголемените трошоци за енергија поврзани со ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации.

Индексот на цени на храната на ФАО во март достигнал 128,5 поени, што е зголемување од 2,4% во однос на февруари или раст од 1% на годишно ниво. Овој индекс ги следи цените на основните прехранбени производи на глобалниот пазар и се смета за клучен показател за движењата во светската економија.

Главната причина за растот се повисоките цени на енергијата, кои имаат директно влијание врз транспортот, производството и ѓубривата. Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро предупредува:

-Растот на цените досега е умерен, благодарение на добрата глобална понуда на жито. Но, ако конфликтот трае подолго, земјоделците ќе мора да изберат – да користат помалку ѓубрива, да садат помалку или да преминат на други култури, што ќе влијае врз идните приноси – вели Тореро.

Житото поскапува, оризот поевтинува

Според истиот извештај, цените на житарките бележат умерен раст. Пченицата поскапела за 4,3% поради суши во САД и помали површини во Австралија, пченката има благ раст, а оризот поевтинел за 3% поради послаба побарувачка и сезонски фактори. И покрај овие движења, глобалната понуда на жито останува стабилна. Од друга страна, маслата за јадење и шеќерот се со силен раст. Цените на растителните масла пораснале за 5,1%, со раст кај палмино масло, соино и сончогледовото масло. Причината е зголемената побарувачка за биогорива поради скапата нафта. Најголем раст има кај шеќерот – дури 7,2%, бидејќи Бразил се очекува да насочи повеќе шеќерна трска кон производство на етанол наместо шеќер. Цените на месото се зголемиле за 1%, најмногу поради раст на цените на свинското месо во ЕУ и поскапување на говедското месо во Бразил. Цените на млечните производи пораснале за 1,2%, главно поради намалена понуда на млеко во Океанија.

Производството се стабилизира, нема да има млечна криза

ФАО прогнозира дека светското производство на пченица во 2026 година ќе изнесува околу 820 милиони тони, што е пад од 1,7% во однос на лани, но сепак над просекот од последните години. Иако има рекордно производство во Индија и добри услови во делови од Азија и Африка, ризици остануваат како повисоки цени на ѓубрива, нарушени транспортни рути и геополитички тензии. Дополнителен удар за глобалната економија претставуваат и нарушувањата во транспортот, особено околу Ормускиот Теснец, клучна точка за светската трговија со енергенси.

Иако во моментов има доволно храна на глобално ниво, растот на цените на енергијата создава неизвесност за иднината. Ако кризата продолжи, храната може дополнително да поскапи, производството да се намали и инфлацијата да се зголеми. Светот засега има стабилни резерви на храна, но глобалните конфликти и енергетската криза повторно ја ставаат економијата под притисок. Како што предупредуваат од Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации, следните месеци ќе бидат клучни за тоа дали ова ќе остане краткорочен раст или ќе прерасне во нов бран на поскапувања што директно ќе ги почувствуваат граѓаните ширум светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот