ЕУ почна да работи на решавање на проблемот на возачите од Западен Балкан
ЕУ почна да работи на решавање на проблемите со кои се соочуваат возачите на камиони од Западен Балкан по воведувањето на системот за гранична контрола EES. Според портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламбер, состанок за дискусија на ова прашање е закажан за следната недела, а на него се поканети надлежните министри од Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.
Препорачано
Возачите на камиони од регионот бараат итни измени на правилата според кои можат да останат на територијата на ЕУ максимум 90 дена во период од 180 дена. Тие инсистираат ЕУ да престане да ги третира како туристи, туку како професионалци чија работа бара повеќе време во рамките на Шенгенската унија и бараат од Брисел итно да дејствува. Европската Унија објави дека го препознава проблемот и презентираше нова стратегија за визи, според која возачите на камиони, како и спортистите, би можеле да бидат исклучени од ова шенгенско правило.
Возачите од Македонија и Црна Гора ја прекинаа блокадата на границите на ЕУ откако Европската комисија објави дека започнува со работа на промена на визните правила, додека нивните колеги од Србија и Босна и Херцеговина не се откажаа од граничните блокади, барајќи поконкретни информации.
Маркус Ламбер повторно не сакаше да зборува за можен рок за решавање на проблемот.
„Објавувајќи ги деталите за нашата нова стратегија за визи вчера, објавивме дека Комисијата ќе соработува тесно со земјите членки за да идентификува прагматични решенија што можат да обезбедат безбедност и економска корист за ЕУ, како и правна јасност за патниците. Во оваа прилика, тие ќе го истражат и можното воведување на ново законодавство со специфичен сет правила за продолжени кратки престои на ниво на ЕУ“, рече Ламбер кога беше прашан од Н1.


