ЕМОФ: Теквондото е македонскиот адут на „Скопје 2025“
Мечевите во теквондо започнуваат денеска, а сите тројца натпреварувачи до македонскиот тим, Андреј Василевски (55 кг.), Христијан Симоновски (63 кг) и Душица Берсалиева (55 кг.) своите настапи ќе ги имаат утре. Од нив се очекува многу
Денеска започнуваат натпреварите во теквондо, спорт од кој Македонија очекува најдобри резултати на Европскиот младински олимписки фестивал. Македонските претставници ќе ги имаат своите настапи утре. Нашиот тим се состои од Андреј Василевски (55 кг.), Христијан Симоновски (63 кг) и Душица Берсалиева (55 кг.).
Препорачано
Првиот човек на Македонската теквондо федерација Борче Костовски и тренерот Стефан Миленковски ги истакнуваат амбицијата и целта на овој тим на ЕМОФ „Скопје 2025“, а тоа е освојување медал или медали.
– Во изминатиот период тројцата репрезентативци поминаа две подготовки во Крушево и во Охрид. Сите тројца се носители на значајни медали во олимписко теквондо – велат од МТФ. Мечевите ќе се одвиваат во салата на на Факултетот за физичка култура во Скопје.
Според Миленковски, обемните подготовки и квалитетот на натпреварувачите ветуваат реални шанси за трофеј. Симоновски е меѓу петтемина најдобри теквондисти во Европа во неговата возрасна категорија, Василевски е меѓу деветтемина најдобри на таа листа во својата категорија, а Бресалиева е голем талент и наш адут во женска конкуренција.
– Нашата нескриена амбиција и цел е да освоиме медал на ова натпреварување. Знаеме дека имаме потенцијал за тоа – вели Миленковски.
Македонија има 181 натпреварувач во 15 спорта на ЕМОФ 2025, натпреварување кое трае до сабота.
Досега Македонија во своите 12 учества на овие Игри за европски спортисти од 14 до 18 години што се одржуваат на две години, нема освоено ниеден медал. Сега организаторот се надева дека оваа непријатна традиција ќе се промени.


