Експертската јавност и натаму поделена, не стивнуваат реакциите за понудениот концепт за основно образование

Изминативе денови сме сведоци на бројни реакции во врска со новиот концепт и реформите во образованието кои ги најави министерката за образование и наука Мила Царовска, а иако повеќето од нив се негативни, сепак имаше и такви кои јавно ги поддржаа најавените реформи.

Па така, иако вчера од Институтот за педагогија со мнозинство гласови се донесе заклучок да не се прифати понудената концепција за основното образование, сепак раководителката на тој институт, проф д-р Јасмина Делчева Диздаревиќ, како и проф-др Лена Димовска, објавија дека тие не се против понудените реформи.

– Нè сите професори од Институтот имаат идентичен став во однос на предлог Концепцијата за основно образование, како што е пренесено. Ве извесувам дека како раководител на Институтот за педагогија, заедно со мојата колешка проф. д-р Лена Дамовска сме дел од работната група за изработка на предлог концепцијата зад која во целост стоиме и дека не̓ сите професори од Институтот имаат идентичен став во однос на предлог Концепцијата – се вели во демантот од проф. д-р Делчева Диздаревиќ.

Институтот за педагогија контра новиот концепт за основно образование

Професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“, исто така застана во одбрана на понудениот концепт, истакнувајќи дека преку него не се копира финскиот модел на образование.

– Концепцијата не е она што прозвучи во јавноста дека е копиран финскиот модел, туку дека се консултирани многу воспитно-образовни модели. Оваа концепција лежи на национални стандарди кои што произлегуваат од препораката на Европската комисија за образование од 2018 година. Нашата цел не е да се фокусираме на учебници, лекции, нашата цел е да се фокусираме на излезните резултати, да дојдеме до резултати со кои ќе бидеме споредливи, нашата цел е тоа да стане подинамично, да стане систем – истакна Барбареев.

Со него се согласува и професорот од Универзитетот во Тетово, Лулзим Мемеди, кој верува дека со реформите ќе им се овозможи на учениците да бидат истражувачи.

– Концептот нуди решение според кое учениците ќе почнат да учат со разбирање и логички ќе размислуваат пред да донесат одреден заклучок или да постапат во конкретна ситуација. Односно, ученикот ќе се стави во една нова улога на истражувач, ќе почне да експериментира и сам ќе доаѓа до заклучоци – потенцираше Мемеди.  

Институт за филозофија: Потребно е повеќе време и сеопфатна научна анализа за новата концепција

Покрај позитивните ставови на некои професори и стручни лица, од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет на УКИМ, по расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование заклучи дека е неоходно предлагачот да ги земе предвид и да ги имплементира и другите стручни мислења на претставниците на институтите за историја, историја на уметноста и археологија, социологија, класична филологија и филозофија чии предмети, како што сметаат од овој Институт, со нацрт-концепцијата исто така се доведуваат под прашање или се редефинираат.

„Сметаме дека е потребно повеќе време за да се согледаат сите можни импликации од брзото усвојување и примена на новиот концепт за основно образование. Затоа, со оглед на стварноста поврзана со ковид-кризата и потребите на здравствениот систем, но и севкупниот образовен систем успешно да се справат со овие состојби, потоа, со оглед на конкретните политички случувања поврзани со негирањето на македонската историја и на македонскиот јазик, сметаме дека брзањето со примената на предложените решенија и не земањето предвид на сериозните стручни забелешки искажани досега во однос на оваа Нацрт-концепција, можат да доведат до дополнителна поларизација на веќе и така (од политиката и од партиите) поделеното национално ткиво на државата“, се вели во реакцијата на споменатиот Институт.

Социолозите против новиот концепт за образование, Царовска вели дека ја има поддршката од јавноста

Оваа институција укажува дека реформите се неопходни и нужни, но потенцираат и дека тие треба да се спроведуваат на еден сеопфатен начин и врз основа на повеќе продлабочени анализи, а според нив, затоа да се направи потребно е повеќе време.

„Врз основа на оваа анализа и врз основа на предлозите за подобрување на Нацрт- концепцијата кои би се инкорпорирале во неа, би можело со нејзината реализација да се започне дури после повеќе години и откако ќе заврши ковид-кризата“, се наведува во соопштението за ставот на Институтот за филозофија.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од Царовска

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од министерката за образование и наука Мила Царовска, истакнувајќи дека таа заедно со премиерот Зоран Заев ја лажат јавноста преку новите реформи и дека тоа само ќе доведе до бришење на предметот историја.

-Царовска и Заев ги лажат граѓаните. Тие шверцерски без никаква консултација со никого го бришат предметот историја како посебен предмет во училиштата и безочно лажат дека тоа наводно е некаков фински модел. Но лагата на Заев и Царовска беше брзо демантирана од од финското министерство за образование кое кажува дека историјата е задолжителен предмет во сите основни и средни училишта во Финска и со новата наставна програма дополнително се засилува – велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев и Царовска имаат намера  да ја девалвираат македонската историја и затоа го бришат предметот историја, а тоа го прават за да излезат во пресрет на негативните ставови на соседите за македонскиот идентитет, јазик, историја.

Заев: При подготовка на реформите во образованието ќе бидат консултирани сите засегнати

– Дополнително министерката Царовска без око да и трепне вели дека ова било по барање на професорите и експертската јавност, за сега да видиме дека ниту една надлежна институција не била консултирана за ваквиот потег и дека и МАНУ и Интитутот за историја и факултетите се противат на ваквата нивна анационална и ревизионистичка политика.Со кого се консултирала Царовска за ваков срамен потег? Со квазиисторичарот Заев, кој веќе јавно искажа историски ревизионизам, навредувајќи ја антифашистичката борба на македонскиот народ и антифашистичките темели на македонската државност?- прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, за потсетување, новата концепција за основно образование опфаќа настава со осум или девет задолжителни предмети, поделени во две групи од кои во првата влегуваат македонски, албански, турски српски или босански јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, а во другата група уметничко, физичко и техничко-технолошко образование.

Презентиран новиот концепт за подобро образование за основците

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот