Заев: При подготовка на реформите во образованието ќе бидат консултирани сите засегнати

Зоран Заев / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека при подготовката на реформата во основното образование ќе бидат консултирани сите засегнати, почнувајќи од учителите и наставниците, универзитетски професори, како и академици односно МАНУ. Целта, е вели премиерот, со реформата да се максимализираат содржините што ќе биде од помош на учениците.

– Мислам дека пред се ќе ја консултираме фелата. Тоа се учителите и наставниците од шесто до деветто одделение, но и универзитетите, МАНУ, имаме многу експертски фели, институти, кои работат за да може да го согледаме најисправниот терк на самата реформа. Да упатам уште еднаш порака, сите сме или родители или дедовци, баби. Имаме деца во училиштата. Сите знаеме дека мора да го реформираме основното образование. Зошто? Заради тоа што имаме еден голем баланс на непотребни работи кои ги учат нашите деца, а со тоа го скратуваат нивното внимание во другите активности, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање на настан организиран на Пониква.

Целта е, потенцира тој, да се максимализираат содржините што ќе бидат од помош на децата во целосна консултација, не само со експертите туку со сите целни групи.

– Не брзаме никаде. Концепцијата беше претставена во вторникот пред Владата, заклучоците од Владата се токму тоа – консултација со сите, внимателно посветување на секоја една точка, паралелно продолжуваме со реконструкција на училиштата заради тоа што сите дополнителни настави изискуваат и кабинетски настави, рече Заев.

Премиерот посочи дека во собраниска процедура е нов заем од 21 милион евра за основното образование од Светската банка. Дел од овие пари се грант, дел мек кредит, што според Заев, ќе помогне да се постават основите за идниот економски развој на нашата земја.

Главен таргет на петтиот пакет мерки за чие донесување размислува Владата, како и за претходните четири, ќе бидат најпогодените од економската криза предизвикана од пандемијата на корона-вирусот, изјави Заев, најавувајќи дека за ова по празниците ќе има консултации со сите социјални партнери.

– По празниците следува процес за консултација со синдикатите, коморите, другите социјални партнери, за навистина највнимателно да ги таргетираме најпогодените. Смислата е токму тоа, да им се помогне ним. Државата има проектирано средства за оваа намена и за буџетот за 2021 година. Сите ресори имаат свои резервоари за помагање на оние на кои им е најнеопходна помош. Конечната порака што сакам да ја испратам до граѓаните е дека државата преку Владата и Парламентот е тука за да им се најде на сите кои се погодени и да им биде од помош, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Државата, вели премиерот Заев, постои заради граѓаните, за да им помогне кога им е потребно. Според него, државата е финансиски ликвидна и солвентна, а државниот Буџет е стабилен, дел благодарение и на тоа што граѓаните навремено си ги плаќаат своите давачки.

Тој нагласи дека со првите четири пакети, меѓу другите, биле помогнати сите активни и пасивни баратели на работа, вработени со плата до 15 илјади денари, млади, ученици, студенти, пензионери со пониски пензии од 15 илјади денари, како и компании со цел да се задржат работните места. Досега, рече премиерот Заев, по сите основи на гражаните и компаниите им се поделени 1 милијарда и и 150 милиони евра.

Продолжуваме натаму, додаде премиерот, со надеж дека ќе дојде вакцината и ќе се стави крај на пандемијата и оти со економските мерки што ги презема и планира Владата ќе дојде до целосно заздравствување на македонската економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот