Социолозите против новиот концепт за образование, Царовска вели дека ја има поддршката од јавноста

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Не стивнуваат реакциите од стручната јавност во врска со новиот концепт за образование, од кои поголемиот дел се негативни, односно фрлаат сомнеж врз начинот на имплементација на реформите, но и покрај тоа министерката за образование и наука, Мила Царовска, верува оти ја има поддршката од најголемиот дел од јавноста и наставниците.

– Најголем дека од јавноста ја поддржува реформата, особено наставниците и тоа се гледа во дневната комуникација со нив, особено со експертите по педагогија и психологија, кои велат ова не е ништо ново, бидејќи интеграција на предмети имаме до шесто одделение и денеска. Со концептот преку изборните предмети секој ученик ќе може да се профилира или да добие можност да си го креира образованието. Ова произлезе од сите анализи кои препорачуваат како треба да изгледа образовниот систем во нашата држава – изјави во Утрински брифинг министерката за образование, Мила Царовска и додава дека е нормално секоја промена да носи страв, и смета дека без проблем ќе се имплементира.

Новиот концепт вклучува настава со осум или девет задолжителни предмети поделени во две групи, од кои во првата македонски, албански, турски српски или босански јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, а во другата група уметничко, физичко и техничко-технолошко образование.

Царовска: Нема да се печатат учебници за новите предмети, наставниците да не се врзуваат само за еден учебник

Реализацијата на новиот концепт би требало да трае околу 4 до 5 години, а Царовска истакна дека во тој период ќе бидат потребни дополнителни инвестиции од 20 милиони евра, од кои дел ќе пристигнат како поддршка надвор од државата.

– Владата континуирано го зголемува буџетот за министерството, но морам да истакнам дека сите меѓународни партнери вложуваат во образованието и главно стојат со финасиска поддршка. Така што грижа дали ќе има финансии да се спроведе реформата не треба да има. Она што до сега можам да го кажам е дека можеби за 4-5 години ни се потребни дополнителни инвестиции од 20 милиони евра кои ќе дојдат и како поддршка од надвор – вели Царовска.

Социолозите против новите образовни реформи

Институтот за социологија и Здружението на социолози на РМ испрати жестока реакција по повод предложениот нов концепт во македонското образование, како и по повод на сличните активности и реформи што веќе се одвиваат подолг период, а со кои директно се засегнати социолозите и нивниот статус во македонското образование на сите нивоа.

„Еден од суштинските елементи на кој се темели новата концепција за основно образование, предложена од МОН, е пристапот на интегрирање на содржини од повеќе предмети во еден предмет. Меѓу другото, со новата концепција се предвидува содржините на предметите граѓанско образование, историја, социјална географија, историја на религиите и етика да се интегрираат во еден предмет именуван „општествени науки“. Еден од клучните аргументи на кој се повикуваат авторите на оваа концепција (во горе наведениот сегмент), се дизајнирањето и позитивните искуства на финскиот образовен систем. Навидум звучи убаво да се повикате на образовниот систем кој во моментов е најдобар во Европа по многу параметри. Меѓутоа, доколку не се земат предвид фактите на кој начин е имплементиран и во кој општествен контекст функционира овој образовен систем, тогаш се влегува во непромислена авантура која може да доведе до сериозни последици за учениците, наставниците и современото македонско општество во целост“, се вели во реакцијата на социолозите која ја потпишува раководотелот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Константин Миноски.

Најголем проблем според социолозите е споредбата со финскиот модел на образование, односно тие укажуваат на тоа дека кај нас новиот концепт ќе треба да го реализирааат наставници без притоа да поминат потребна обука за тоа.

Презентиран новиот концепт за подобро образование за основците

„За разлика од Финска, МОН новата концепција треба да ја реализира со наставници со просечен успех на студирање помеѓу 6.00 и 7.00 (поради нискиот општествен статус на наставниците). Освен тоа на студиите по одделенска настава на Педагошкиот факултет во Скопје се запишуваат млади со просечен средношколски успех од 3.00 (тоа се деца со убедливо најлош просек на УКИМ). Во Финска обуката на наставниците трае со години (досега се обучени околу 70%). МОН тоа сака да го направи за една година!!!“, се додава во реакцијата на социолозите.

Социолозите најмногу стравуваат дека новиот концепт всушност има политички интерес, односно дека главната цел не е да се направат корисни реформи на македонското образование.

„За да се спроведе ваков вид на технологија и „идеологија“ на образованието, неопходна е консултација со експерти од сите области на науката (академијата), широка јавна расправа за принципите и целите што треба да се постигнат со ваков вид на образование и, конечно, кога ќе се постигне согласност околу содржината на реформите и методологијата за нивната операционализација да се остави подготвителен период од најмалку пет до десет години. Во спротивно се остава впечаток дека „Концептот“ не е во функција на реформа на македонското образование, туку станува средство за задоволување на разни политички и меркантилни интереси“, стои во реакцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот