Екс ракометарот на Вардар Тимур Дибиров го игра последниот меч во ЛШ
На една голема кариера се ближи крајот, легендарниот руски ракометар Тимур Дибиров ќе го одигра својот последен натпревар во ЕХФ Лигата на шампионите во дресот на Загреб.
Препорачано
Вториот најдобар стрелец на сите времиња кога е во прашање најквалитетното европско клупско натпреварување со повеќе од 1.200 голови, двократен победник со Вардар и иден член на Куќата на славните на ЕХФ, летово на 42-годишна возраст ќе ја заврши својата неверојатна кариера.
Левото крило ја игра својата 21 сезона во ЛШ. Започна со Чеховски Медведи, каде за девет сезони успеа да стигне до Фајнл4 турнирот во 2010 година во Келн.
Следуваше епски девет сезони во златната ера на Вардар, каде беше еден од лидерите и стигна до две титули во ЛШ, пред да го облече дресот на Загреб во 2022 година.
Денеска Загреб во рамките од последното 10 коло во групната фаза ќе игра против Киелце од 18.45 часот. Натпревар за престиж што се однесува до хрватскиот шампион, кој остана без шанси за пласман во нокаут фазата, но секако посебен поради последните 60 минути во Европа на големиот ас кој ќе го паметат многу генерации ракометари.


