Ратко Димитровски - Николчо Илијев - Љупчо Папазов / Фото: Принтскрин

Ексградоначалниците пред суд – немале ниту надлежности ниту стручност за надзор на „Пулс“

Во оваа судница ќе бидат изнесени многу аргументи и факти што можеби нема да му се допаднат некому, но ќе бидат првиот чекор или првиот патоказ кон вистинскиот пат кон утврдување на вистината, рече Љупчо Папазов, кој беше градоначалник кога се случи трагедијата

Поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски, Николчо Илијев и градоначалникот Љупчо Папазов, во денешните воведни зборови како обвинети за пожарот во дискотеката во која изгореа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, изјавија дека не чувствуваат вина што „Пулс“ со години работела „на диво“ во градот со кој управувале.
Дел од нивната одбрана беше дека немале надлежности како локална власт, дека не биле стручни, а Папазов, кој беше градоначалник кога се случи трагедијата, рече и дека направил сè што можел откако избувнал пожарот. Сите тројца им изразија сочувство на блиските на загинатите и сите кажаа дека во трагедијата изгубиле блиски роднини, соседи и пријатели.

Газдата на „Пулс“ се расплака во судница: Од срце и душа им изразувам сочувство на блиските на починатите и ние имаме и починат и повреден во семејството

Димитровски: Само јас бев против дискотеката да добие дозвола за работа

 

Најдолг воведен говор имаше бизнисменот Димитровски, кој бил на чело на Кочани од 2009 до 2017 година, во период кога е отворена дискотеката. Тој се претстави како единствениот во Македонија кој побарал на дискотеката да не ѝ биде издадена лиценца. Себеси се нарече „заменски обвинет во измислено и конструирано обвинение, со измислена одговорност за замајување на јавноста“ и побара Обвинителството да го повлече обвинението против него за, како што рече, да не се прават „нови неправди“.

Според него, надлежни да реагираат биле државните органи, а за сè што се случува надлежни биле и требало да знаат Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Јавното обвинителство.

Ексградоначалникот на Кочани Димитровски – јас сум заменски обвинет со измислена одговорност за замајување на јавноста

– Изненаден сум и никогаш не сум помислил дека ќе седнам на обвинителна клупа за нешто што единствено јас пред 13 години сум бил против. Знам дека е во ред дел од граѓаните да ме гледаат како градоначалник од една политичка партија, но никако не е во ред да ме гледаат со презир. Оваа конструкција на обвинение е на моја штета и на штета на моето семејство, но и на штета на оштетените, затоа што каква правда може да се добие ако се обвинуваат луѓе што не се виновни. Не може да има правда со заменски обвинети. Не може некој невин да го носи товарот наместо вистинскиот одговорен – рече Димитровски.

Тој откри дека во октомври 2012 година, уште пред дискотеката официјално да почне со работа, испратил допис до Министерството за економија, барајќи информации за дозволата на објектот.

– Кога дознав дека ќе се отвора дискотека, на 19.10.2012 година се обратив до Министерството, со барање: „Ве молиме да нè информирате дали му е издадена или ќе му биде издадена дозвола на тој објект“. Јас сум единствен во Македонија кој го направил тоа, иако сум немал надлежност. На тој допис до денес немам добиено одговор – изјави тој.

Димитровски додаде дека на 5 ноември 2012 година, Општината официјално го информирала сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов дека парцелите во близина на објектот не можат да се користат како паркинг, бидејќи тоа не е предвидено со важечкиот детален урбанистички план. Димитровски истакна и дека во целиот процес има пропусти, а дел од одговорните не се опфатени со обвинението.

– Каква правда може да се очекува ако се изостави и само еден човек што требало да биде обвинет, а се обвинуваат луѓе што не се виновни – рече Димитровски.

Папазов во воведен говор – во оваа судница ќе се изнесат многу факти кои може нема да му се допаднат некому

Не постои соизвршителство на Илијев, рече неговиот адвокат

 

Синиша Станковиќ, бранител на Николчо Илијев, кој управувал со Кочани од 2017 до 2021 година, во воведниот говор рече дека смета оти од непознати причини е спроведена нецелосна истрага и не е обезбеден ниту еден факт против Илијев.

– Постапката се води три и пол години по престанок на неговиот мандат. Никој и никогаш не го известил за кабарето ниту, пак, имал контакт со сопственикот. Советот на Општина Кочани никогаш не е известен за измена на Деталниот урбанистички план за предметниот објект. Никаков контакт за предметниот објект немал ниту додека бил ниту откако му престанал мандатот. Обвинетиот Илијев не повредил ниту една императивна норма во вршење на функцијата градоначалник и не ја злоупотребил својата позиција во ниту една форма. Ваквите факти исклучуваат секаква можност за какво било соизвршителство во кој било правец и временски период. На 16 март, Николчо Илијев загуби роднини и пријатели и уште еднаш им изразува сочувство на семејствата на жртвите и посакува побрзо закрепнување на повредените. Затоа одбраната бара Обвинителството да го повлече обвинението против Николчо Илијев – изјави Станковиќ.

Најбурни реакции за одбраната на Папазов

 

Најбурни реакции кај блиските на загинатите кои беа во судницата предизвика воведниот говор на Мите Левков, бранителот на Папазов.

– Непостапувањето на господинот Папазов како градоначалник не претставува никаква, а најмалку примарна и директна причина за настанатата катастрофа. Градоначалникот не поседува знаење ниту овластување „ад хок“ да утврдува недостатоци во објектот, туку е зависен од информациите и извештаите на стручните служби. Тој не е градежен, пазарен или инспектор за противпожарна заштита – рече Левков.

Папазов најави дека во судницата ќе бидат изнесени многу аргументи и факти што можеби нема да му се допаднат некому.

– Сакам само да потсетам на две можности што имав да ги направам во тој момент. Едната е од професионален аспект – да ја мобилизирам цела општинска администрација во функција на истражните органи. Самиот јас да се ставам на располагање на сите надлежни служби и уште една работа од професионален аспект, да го одржам најкраткиот колегиум во мојот градоначалнички мандат со цел овозможување на основните услови за сите потребни активности понатаму. Втората работа што можев да ја направам од личен и човечки аспект по тоа што се случи во Кочани, е да поднесам оставка од морални причини. Во оваа судница ќе бидат изнесени многу аргументи и факти, кои можеби нема да му се допаднат некому, но ќе бидат првиот чекор или првиот патоказ дека сте на вистинскиот пат кон утврдување на вистината – рече Папазов.

Три часа спасувал деца и самиот завршил во болница – одбраната на обезбедувач во „Пулс“ праша што правело Обвинителството 13 години?

Обвинителството ги товари поранешните градоначалници дека не постапувале според Законот за локална самоуправа, иако биле должни за почитување на Деталниот урбанистички план за Кочани и знаеле дека кабарето е безбедносно опасно, не презеле службени дејства за утврдување неправилности и затворање на објектот. Како што стои во обвинението, тие му овозможиле на газдата на „Пулс“ Дејан Јованов и на фирмата „Класик“ да врши незаконита угостителска дејност, иако до Општина Кочани ниту Јованов ниту сопственикот на објектот никогаш не поднеле барање за реконструкција со пренамена на објектот и го прекршиле Законот за инспекциски надзор.

Исто така, се товарат дека не донеле годишна програма и не подготвиле месечни планови за работа на овластените градежни инспектори за вршење инспекциски надзор на објектот, засновани на процена на ризик со оглед на големиот број посетители. Обвинителите ги товарат и за тоа што никогаш не ја известиле Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, ДПИ и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполни законските услови.

Обвинетите пред судницата во Идризово беа пречекани со транспарент со 63 фотографии на загинатите деца. Ова е четврто рочиште на едно од најголемите судења досега во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот