Фото: Лазар Захариев, обезбедувач во дискотеката „Пулс“

Три часа спасувал деца и самиот завршил во болница – одбраната на обезбедувач во „Пулс“ праша што правело Обвинителството 13 години?

Херој и жртва, а не обвинет, обезбедувањето било само една карика од системот кој смрди од глава, но креаторите на корумпираниот систем го нема во судница. Ова е дел од одбраната на дел од обезбедувачите во дискотеката „Пулс“, каде во март загинаа 63 луѓе, а обезбедувањето е обвинето дека дозволило да биде внесена пиротехника, како и да влегуваат малолетници во импровизираната дискотека.

Одбраната на обезбедувачот Лазар Захариев тврди дека тој самиот е жртва, а повеќе од три часа извлекувал деца и посетители од дискотеката, сè до моментот кога немало веќе кого да спасува, по што завршил на болничко лекување со нарушено здравје, а имал обврска само за патролно обезбедување и пристигнал во објектот два часа по настапот на групата „ДНК“, со што немал можност да види што се внесува во дискотеката.

Ексградоначалникот на Кочани Димитровски – јас сум заменски обвинет со измислена одговорност за замајување на јавноста

– Дали обезбедувачите имаат вина поради фактот што на територија на општина Кочани една години немало инспектор за пожар и поради фактот што контрола на пиротехника од страна на МВР постои само на хартија – рече адвокатот.

Пред судот кратко само се обрати Захариев кој рече „Криво ми е на кобниот ден што не успеав да спасам повеќе животи“.

Бранителот на обвинетиот обезбедувач Ивица Грозданов, адвокатот Звонко Давидовиќ, во воведен говор, рече дека пожарот во дискотеката „Пулс“ е последица на целокупниот однос на државата кон редот, законот и со еден збор системот.

– Корумпираниот систем е причина, но не ги гледам во судница креаторите на овој систем. Рибата од главата смрди. Се прашувам каде било Обвинителството во Кочани во изминатите 13 години. Ивица Грозданов не бил ниту најмалото тркалце и му се става на товар дека без писмен договор со агенцијата за обезбедување „Рубикон“ не изготвиле план за обезбедување на дискотека –  изјави Давидовиќ.

Надзорот и контролата на малолетниците, рече Давидовиќ, не е обврска на обезбедувањето и не е кривично дело.

Папазов во воведен говор – во оваа судница ќе се изнесат многу факти кои може нема да му се допаднат некому

Адвокатката на обвинетиот Мартин Ѓорѓиев, исто така обезбедувач, Елизабета Панева, во воведниот говор рече дека ќе докажат дека нејзиниот клиент не го сторил делото што му се става на товар и дека Ѓорѓиев само ставал печат на влезниците.

– Ќе докажеме дека Мартин не постапил спротивно на одредбите на законот за обезбедување, затоа што на кобната вечер неговата работна задача била да става печат на влезница, а не да врши проверка на идентитетот. Имал можност, но не и законска обврска да мора да проверува идентитет. Можноста не создава и обврска – изјави Панева.

Претходно своја одбрана дадоа бранителите и поранешните градоначалници на Кочани. Следното рочиште за кочанската трагедија е закажано за на 10 декември, кога своја одбрана треба да даде поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот