Една од полошите години за правосудството, кое трпи удари и молчи, оцени Коалицијата „Сите за правично судење“

Дарко Аврамовски, Коалиција „Сите за правично судење“ / фото: принтскрин МИА

За жал, оваа година е од полошите години за македонското правосудство откако Коалицијата „Сите за правично судење“ ги следи овие состојби, а оваа година ни е 20-та, јубилејна година како ги подготвуваме вакците истражувања, оцени денеска Дарко Аврамовски од оваа коалиција на завршна конференција за презентација на годишните мониторинг-извештаи за 2023 година.

– Во најголем дел од индикаторите забележуваме стагнирање од лани, нема некаков напредок. Годинава ја одбележаа серија инциденти кои изворно доаѓаа од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители, кои треба да бидат гарант и заштитник на судската независност и чинители кои треба да придонесат за унапредување на судството во целина – рече Аврамовски.

Во врска со тоа што е најкритично од нивните забележувања, Аврамовски вели дека кога станува збор за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, замерките се исти како и во минатата година.

– Имаме отсуство на образлагање на  одлуките и отсуство на каква било проактивност за актуелните состојби, бидејќи тие работат исклучиво на избирање и унапредување на судии и на јавни обвинители. Имаше многу сериозни наводи на корупција изминатава година што потекнуваа од самите членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, имаше истражување за перцепцијата на судиите за корупцијата во правосудтсвото. Немаше ниедна седница каде кој било од овие совети макар ќе ги дискутира ваквите наводи, за да им одаде признание дека барем ги перцепира и ги доживува како сериозни. Не видовме ништо такво, никаква проактивност. За жал, видовме слаб одговор од судиите и јавните обвинители на состојби кога требаше да има некаков организиран став од нивна страна. Тука особено мислам на измените на Кривичниот законик кои во огромна мерка имаа импакт барем врз оние високопрофилирани, медиумски експонирани случаи, особено случаите што се поврзани со висока корупција, затоа што се намалија токму тие казни што, меѓудругото, оневзоможи и водење на соодветна истрага за овие кривични дела, што е огромен удар врз правосудството – рече Аврамовски.

Во врска со начинот на избор и унапредување на судиите, процес во кој Судскиот совет не ја почитува ранг-листата и не ги избира прворангираните судии, Аврамовски вели дека е разбирливо дека постојат исклучителни ситуации кога мора да се отстапи од ранг листата и за тоа има добра причина, но, додава, за тоа мора да се даде соодветно детално и темелно образложение, кое ќе ја придобие довербата на јавноста и оние кандидати што биле прескокнати и не биле избрани за конкретното место.

– Во спротивно, со такви генерички и апстрактни образложенија и отсуство на какво било образлошение зошто некој кандидат не бил избран се добиваат само шпекулации и антиципирање за некои несоодветни влијанија на правосудтсвото – предупреди Аврамовски.

За Извештајот на Оценската мисија на ЕУ, која го „скенираше“ Судскиот совет и законското решение и даде 40 препораки за подобрување на состојбата, од кои 17 препораки зависат исклучиво од Советот, а не од законски или уставни измени, Аврамовски вели дека тие како Коалиција уште не го добиле извештајот.

– Има 17 препораки за Судскиот совет, верувам истите препораки би биле апликативни и за Советот на јавни обвинители, иако таму немавме сериозни инциденти. Но, сепак, да дадете темелно образложение за својот глас „за“ или „против“ за некој кандидат, тоа не е прашање кое треба да се решава со закон или со финансирање на Советот или со нешто друго, тоа е само прашање на волја на членовите на Советот да ги образлагаат своите ставови и одлуки – рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот